
Истражувачите соопштија дека е откриен нов вид диносаурус врз основа на фосил пронајден на островот Вајт, кај јужна Англија, којшто бил „занемарен“ и не бил проучуван повеќе од еден век.
Видот е именуван „Инвиктибелатрикс амберина (Invictibellatrix amberina)“, при што првиот дел од името значи „непобедлива жена-воин“. Според истражувачкиот тим предводен од Универзитетскиот колеџ во Лондон, овој диносаурус – инаку грабливец со 20 см долги канџи, е првиот претставник на групата двоножни месојади наречени мегараптори што е пронајден во Европа. Фосилот врз основа на којшто е направено откритието претставува дел од череп што бил преземен од Природонаучниот музеј во 1924 година, објави „Њу сајентист (New Scientist)“.
Овој мегараптор бил во блиско сродство со тираносаурусите (вклучувајќи го и Тираносаурус рекс – Т. рекс), а живеел на подрачјето на Велика Британија во раниот период на креда – пред околу 120 милиони години. Tрудот eпрвично објавен во списанието „Ројал сосајети опен сајенс (Royal Society Open Science)“.
– Тој не бил врвен грабливец во своето време, но за луѓето овој диносаурус би бил поопасен од T. рекс. За нив, ние би биле плен со совршена големина – тешки околу една третина од нивната телесна маса. Дефинитивно би нè ловеле. T. рекс не би се ни потрудил, бидејќи би биле премногу ситни за него. Вистинска мистерија е како овој фосил бил толку долго занемарен, стоејќи во фиока речиси 100 години. На островот Вајт се пронаоѓаат многу коски – којзнае што друго чека да биде откриено, изјави водечкиот автор Касиус Морисон.
Тој наведе дека „Инвиктибелатрикс“ бил долг три до четири метри и висок нешто повеќе од метар и половина, имал пердуви и канџи со должина меѓу 10 и 20 сантиметри.
Овој вид се хранел со мали диносауруси, гуштери и цицачи. Фосилот првично бил пронајден во подножјето на карпа на југозападниот брег на островот Вајт од страна на аматерскиот палеонтолог Реџиналд Волтер Тули. Се смета дека мегарапторите потекнуваат од Азија, откаде што се поместувале на запад, кон Европа. Истражувањето е финансирано од Палеонтографското друштво, Кралското друштво и Британската организација за истражувања и иновации (UK Research and Innovation)
МИА

Македонски


