
Македонскиот ракометен првак Вардар го очекува вториот натпревар против Орлен Висла Плоцк во период од само шест дена. По дуелот во Скопје, кој полскиот тим го доби со 32:26, „црвено-црните“ утревечер гостуваат во Плоцк со желба да одиграат подобар натпревар и да се изборат за првите бодови во Лигата на шампионите.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ очекува неговите ракометари да ги поправат грешките од првиот дуел со Висла и со поголема самодоверба да влезат во новата пресметка.
Секогаш кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да бидете подобри. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нивниот терен. Не мислам дека пред нашите навивачи одигравме толку лошо како што можеби изгледаше поради доминацијата што ја покажа Висла. Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за подобрување во нашата игра, како во одбраната така и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме силен и квалитетен натпревар. Сакаме повторно да се претставиме во позитивно светло во Лигата на шампионите. Во преостанатите три натпревари, исто како и во првите три, сакаме да бидеме конкурентни и да се бориме за нашите први бодови и првата победа. Сакаме и понатаму да имаме за што да играме и да продолжиме да напредуваме, изјави Чупиќ.
Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Вардар се игра на 14 октомври со почеток во 20:45 часот. з

Македонски


