Skip to main content

Трет пораз на Вардар во ЛШ

 Ракометарите на Вардар 1961 го претрпеа третиот пораз во Лигата на шампиони, откако вечерва на домашен терен во Скопје беа надиграни од Висла Плоцк со 32-26 во рамки на 3 коло во групата Б.

Натпреварот во исполнетата сала „Јане Сандански“ почна резултатски лошо за македонскиот првак кој на средина на полувремето се најде во негатива од минус шест голови (11-5). Избраниците на Иван Чупиќ немаа решение за цврстата одбрана на полскиот вицепрвак во чиј редови Миљан Вујовиќ беше тешко совладлив на голот, а Русинот Сергеј Косоротов биеше непогрешливо во нападот.

Вардар во продолжението возврати со поагресивна одбрана и предводен од расположениот Матео Фадуил до полувремето дојде до само два гола негатива (15-13).

Чупиќ се обиде на стартот на второто полувреме да ја пробие гостинска одбрана со игра „7 на 6“ во нападот, но ефектот од тоа беа избрзани технички грешки кои полскиот тим рутински ги казнуваше и веќе во 40. минута повторно имаше високи пет голови предност (24-19). Уследи првиот тајмаут на Чупиќ, но сликата на паркетот не се промени и Висла продолжи да ја полни мрежата на Вардар за највисоки +8 (27-19) во 47 минута,

До крајот на натпреварот, Вардар беше немоќен да се врати резултатски во игра и да го избегне третиот пораз во елитното клупско натпреварување.

Непогрешливиот Фадуил беше најефикасен во редовите на Вардар со максимален ефект од 14 голови од исто толку обиди.

Македонскиот првак без освоен бод по воведните три кола е последен на табелата во групата Б во која Мелсунген, Висла и Нант имаат по четири бодови.

За ракометарите на Вардар следуваат две гостувања во следните две кола, најпрво на 14 октомври на реваншот против Висла, а седум денови подоцна и дуелот против француски Нант

Поврзани вести