Skip to main content

Во писмо до лидерите на ЕУ, фон дер Лајен повикува на строги мерки во областа на нелегалната миграција

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска, пред дводневниот самит на Европскиот совет што започнува в четврток, испрати писмо до европските лидери во кое ги замолува да преземат низа мерки за одговор на нелегалната миграција.

Меѓу мерките што ги заговара шефицата на Комисијата се воспоставување рамка за итен одговор кога миграцијата се користи како оружје, проширување на овластувањата на граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, и зголемување на стапките на депортација.

Мора да спречиме такви закани и јасно да ставиме до знаење дека никогаш нема да ја компромитираме заштитата на нашите надворешни граници – на ниту еден државен или недржавен актер нема да му биде дозволено да ги злоупотребува нашите правила или вредности за да ја дестабилизира Унијата, напиша фон дер Лајен.

Писмото на претседателката на Комисијата упатено до лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ ќе послужи како основа за дискусијата за миграцијата на вториот ден од самитот, в петок. (МИА)

Поврзани вести