
Од наш највисок државен интерес е создавање силни безбедносни коалиции, со што ќе овозможиме посилен заеднички глобален напор во борбата со илегалната миграција и во борбата со сериозен криминал. Царинската управа од јули 2024 година до овој момент спречи влез на 246 илегални мигранти, претежно од Египет, Судан, Пакистан, Иран, Ирак и Сирија. Воедно, во овој период значително ја зајакнавме борбата со организираниот криминал – истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на денешниот оперативен состанок на заедничката група за миграција, организиран од Бирото за јавна безбедност.
Овие факти, додаде, не говорат само за улогата што ја имаме врз заштита на нашите граници, туку и во заштита на границите на земјите од ЕУ преку навремено и координирано дејствување.
Николовски нагласи дека од особена важност е размената на информации и меѓуинституционалната соработка на национално и на меѓународно ниво, која, како што посочи, е значително подобрена за што говорат и самите резултати. Притоа напомена дека само годинава царинските мобилни тимови и К9-единици во рамките на Одделението за оперативни работи асистирале во 41 акција на МВР.
– Размената на информации, заеднички профили на ризик и координирано постапување се алатки со кои можеме многу порано да го идентификуваме ризикот уште пред тој да стигне до нашата граница. Ќе се согласам дека досега е постигнато многу, но можеме и мораме уште повеќе затоа што криминалот не мирува, не чека и не познава граници. Остануваме целосно посветени на оваа цел и ќе продолжиме со зајакнување на капацитетите и унапредување на досегашната соработка, со цел ефикасно справување со илегалната миграција и организираниот криминал. Но, исто така ќе продолжиме да ги зајакнуваме довербата и оперативната соработка со МВР и БЈБ, со Јавното обвинителство, како и со царинските администрации и безбедносни институции од регионот – порача Николовски.

На состанокот беше нотиран напредокот на нашата држава во справување со современите безбедносни предизвици, меѓу кои трговија со луѓе и шверцување мигранти, што е особено значајно во време на евроинтегративниот процес на државата.

Македонски


