
На некои македонски политичари и аналитичари никако не може да им се погоди вкусот за тоа како треба да се однесува актуелната македонската политика и дипломатија во однос на евроинтегративниот процес на земјата. Ако политиката се држи строго до националните интереси, тогаш е неконструктивна, некооперативна или изолирана. Ако е на линија со советите кои што доаѓаат од врвот на ЕУ, тогаш е неконзистентна, недоволно патриотска или подготвена на отстапки.
Нема средина ниту пак простор кој опозицијата и нејзините аналитичари ќе ѝ го овозможат на Владата да ја води земјата согласно мандатот што го има добиено од граѓаните. Никако не може да се удоволи на нивниот список на желби, кој постојано се менува во зависност од дневнополитичкиот интерес.
На сите ни премина во навика да секој разговор со Бугарија го гледаме како нова опасност, а секој обид за дијалог како можно отстапување. Ништо не е различно ниту по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Скопје. Нејзината сугестија за разговори меѓу Скопје и Софија, веднаш ги мобилизираше „партиските кујни“, чиј што врвен дострел беше креирање на тезата дека Македонија наместо на европскиот се качува на „бугарскиот воз“.
Навистина „силна“ метафора! Метафора која уште на прва асоцира на еден друг „бугарски воз“, воз на кој креаторите на тезата без проблем се качуваа и возеа на секој изборен циклус во деведесеттите и раните двеилјадити години. Метафора која во старт ги минира сите обиди за остварување контакт на актуелната македонска влада со истите оние пред кои креаторите на тезата коленичеа и сервилно ги прифаќаа сите нивни уцени и наметнати услови.
Ако нашата цел е членство во Европската Унија, тогаш не постои посебен „европски“ или посебен „бугарски“ воз. Бугарија е членка на Унијата, исто како што се и Германија, Франција, Полска или Хрватска. Разговорите со Софија не можат да значат дека Скопје ја напушта европската траса. Напротив, прашањето е дали преку директен политички дијалог може да се отстрани една од пречките што со години го забавуваат европскиот процес.
Ако не може, тогаш тие по нивно, ние по наше!
Важно е дека Македонија прави обиди да се излезе од ќорсокакот.
За потсетување, Европската комисија и во 2026 година ја потврди европската перспектива на Македонија, а во февруари годинава Заедничкиот комитет за стабилизација и асоцијација повика земјата да напредува во пристапниот процес и да ги исполни условите од заклучоците на Европскиот совет од 2022 година. Да не го забораваме и тоа дека посочените услови и заклучоци на Европскиот совет од 2022 година се резултат на политиките на претходната власт. Исто така, ЕУ постојано нагласува дека добрососедските односи и имплементацијата на преземените обврски се составен дел од процесот на проширување.
Затоа, разговорите на министрите за надворешни работи, Муцунски и Петрова-Чамоваво Софија, не можат да се претставуваат како напуштање на „возот за Брисел“.
Дијалогот не значи дека едната страна однапред се согласила со позициите на другата. Ние не можеме да очекуваме спектакуларни промени кај бугарската страна во позитивна смисла, ниту пак да помислиме дека постои подготвеност за попуштање и сервилност кај македонската страна, како што тоа беше случај со претходната власт. Бугарија долго време беше во политичка криза и постојано беше раководена од разни форми на техничка влада. За целиот тој период во Бугарија немаше соодветен соговорник со кој македонската влада ќе можеше да разговара на рамноправна основа согласно демократските стандарди. Сега кога се има услови, дијалогот постои за да се утврди што може да биде договорено, што не може и каде може да се најде формула која ќе овозможи процесот да продолжи.
Ако македонската дипломатија одбие разговор со Софија затоа што Бугарија е „само една од 27-те членки“, тогаш самата си го стеснува дипломатскиот простор. Европската Унија е политичка заедница во која одлуките ги носат институциите и земјите членки. Тоа значи дека билатералните односи не исчезнуваат затоа што спорот се наоѓа во европска рамка. Впрочем, и самата Европска унија на некаков начин го билатеризираше процесот на пристапување со додавање на нови услови кон Македонија како земја кандидат, коишто се надвор од Копенхашките критериуми. Затоа, билатералните разговори со една земја членка може да се толкуваат и како обид за менаџирање и санирање на штетата која што веќе е направена од претходната власт.
Во тој правец треба да се толкуваат посетата на Урсула фон дер Лајен на Скопје, предлогот на Европската комисија за градуално пристапување кон ЕУ, како и евентуалните промени во начинот на гласање и парцијалната суспензија на правото на вето. Тоа е класичен обид за санирање на штетата која што ЕУ ја направи кон себе и европските земји кандидати за членство.
Оттука, македонската Влада има сосема легитимно право да бара едно прашање да биде расчистено, односно ако државата ги исполни конкретните европски услови, дали тоа навистина ќе значи напредок во преговорите?
Тоа не е антибугарска, ниту антиевропска позиција. Тоа е прашање за предвидливоста на процесот. А токму предвидливоста е еден од условите граѓаните повторно да поверуваат дека европската интеграција е реален политички процес, а не бескрајно поместување на целната линија.
Во целата оваа расправа лесно се губи од вид една важна работа. Европската Унија не е само процес на преговори. Во јули 2026 година Европската комисија соопшти дека Македонија до тој момент има добиено 142,1 милион евра преку Инструментот за реформи и раст, коешто е поврзано со исполнувањето на конкретни реформски чекори. Тоа е Европа во практична смисла.Европа не е само датумот на следната меѓувладина конференција. Не се само поглавјата. Не е само прашањето дали некоја земја ќе биде прва, втора или трета на листата за проширување.Европа се и реформите што го менуваат животот во Македонија.
Нашите внатрешни реформи не зависат ниту од „возот за Брисел“, ниту од „возот за Софија“. Особено не од овој вториов кој не постои и во буквална смисла и допрва треба да го градиме преку Коридорот 8. Нашите реформи зависат од нашите внатрешни возови. Тука ниту Брисел ниту Софија можат да ни бидатвиновниза нашите слабости.
Затоа, најголемата грешка во сегашната дебата е создавањето впечаток дека Македонија мора да избира меѓу националниот интерес и европската интеграција. Најголемата грешка е што „политичките кујни“„готват јадења“ за дневнополитичка конзумација, кои уште следниот ден се бајати и неупотребливи. На македонскиот политички простор му треба дебата во која кујните ќе ги уважуваат националните интереси, почитуваат црвените линии и „ќе готват јадења“ кои ќе траат долго, онолку долго колку што трае македонскиот ајвар и македонската зимница. Нам ни е потребен консензус, дебата и „политичка храна“ за да може да ги презимиме неповолните политички моменти за земјава.
За секојдневните теми, за темите од дневен интерес на политичките партии, за оние теми коишто не ги загрозуваат националните интереси на македонскиот народ и македонската држава, работата е поинаква. Тука „партиските кујни“ слободно можат да „подготвуваат и да јадат бурек“ во неограничени количини. Никој не може да ги ограничува во нивниот избор. Таква е демократијата, таква е слободата на говорот. Ако имаат конзументи за нивниот производ, нека им е на здравје.
Но, кога станува збор за стратешките интереси на државата, Македонија заслужува повеќе од политички пароли, дневнополитички конструкции и бескрајни расправии за тоа на кој воз се качила. Заслужува сериозна дебата, одговорна дипломатија и стратегија што ќе ги помири националните интерси со реалните можности за европски напредок.

Македонски


