
Деца од училиште однесени во казино во Монте Карло, за директорката и помошникот директор да се коцкаат, рече на денешната прес-конференција на Јованче Манасков, претседател на комисија за образование и наука на СДСМ.
Да, добро ме слушнавте. Имаме и видеа и фотографии. Едното видео коешто ќе го објавиме е со заматени ликови, поради тоа што има малолетни деца. Но свиркачи ни го доставија и го имаме и оригиналното. Брука! Казино образование на Јаневска и ВМРО, рече тој.
Според Манасков, за време на ученичка екскурзија во Монте Карло, директорката на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, Жанета Сервини, и помошник-директорот Љупчо Здравковски, „наместо со учениците – се коцкаат на слот машини во казино“.
Во истото време малолетните ученици, за кои тие биле одговорни, ги чекале во холот. Наместо да се грижат за безбедноста и едукацијата на учениците и да бидат пример за младите, раководители на училиште се коцкаат во казино. И децата ги носат во казино. Каква едукација им дале првите луѓе на уличиштето – како се вртат слот машини? На што ги учат децата ВМРО-ОКГ и нивните кадри? Да се коцкаат, рече тој.
Ова е неморален случај, додаде тој и побара одговорност и ја повика министерката за образование итно да изврши надзор и да поведе постапка за одговорност и разрешување на сите инволвирани, додавајќи дека „одговорноста во образованието не е привилегија, туку обврска“.

Македонски


