
По повод 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје, Комората на психолози на Република Македонија упати повик до граѓаните во 10 часот и 10 минути да застанат за момент, да размислат за сопственото ментално здравје и да обрнат внимание на луѓето околу себе.
Од Комората порачуваат дека менталното здравје не треба да биде тема само во време на кризи, туку заедничка одговорност на институциите, работодавачите, училиштата и целото општество.
Менталното здравје не е нешто што го забележуваме само кога ќе се појави криза. Не започнува во ординацијата и не завршува со разговорот со психолог. Тоа се гради секој ден – во семејството, во училиштето, на работното место, во здравствениот систем“, се наведува во пораката на Комората.
Оттаму предупредуваат дека зад луѓето кои навидум успешно се справуваат со секојдневните обврски може да се кријат исцрпеност, тешкотии и проблеми за кои никој не прашува.
Комората ги повикува креаторите на политиките да обезбедат достапни услуги за ментално здравје, превенција и доволен број стручни лица, а училиштата да создадат средина во која децата ќе се чувствуваат безбедно да побараат помош.
Посебна порака е упатена и до работодавачите, кои, како што посочуваат од Комората, треба да покажат вистинска грижа за психолошката благосостојба на вработените преку соодветен обем на работа и работна средина во која луѓето можат отворено да зборуваат за своите тешкотии.
Грижата за менталното здравје не е тим-билдинг еднаш годишно, ниту мотивациска порака на ѕид“, нагласуваат од Комората.
Воедно, потсетуваат дека и здравствените работници, психолозите, наставниците и сите што професионално се грижат за други имаат право на одмор и поддршка.
Понекогаш е доволно да прашаме: ‘Како си – навистина?’ И да останеме доволно долго за да го слушнеме одговорот“, се наведува во апелот.
Од Комората истакнуваат дека барањето психолошка помош не е знак на слабост, туку одговорен чекор кон грижата за себе.
По повод Светскиот ден на менталното здравје, граѓаните се повикуваат да одвојат најмалку десет минути за себе или за разговор со некој близок, но и грижата за менталното здравје да не заврши со одбележувањето на овој ден.
Општество што се грижи за менталното здравје не е она што еднаш годишно зборува за него. Тоа е општество што создава услови луѓето да живеат, работат, учат и растат без постојано да ја плаќаат цената со сопственото психолошко здравје“, порачуваат од Комората на психолози.

Македонски


