Skip to main content

Во киното Мис Стон викендов македонскиот филм „До Балчак“ во режија на Столе Попов

По повод празникот 11 -ти Октомври, ЦК „Марко Цепенков“ на 9-ти Октомври 2026/ петок/ од 18.30 ч. во кино Мис Стон ќе го прикаже македонскиот филм, „До Балчак“ историска драма во режија на Столе Попов.

Влезниците за филмот се бесплатни и ќе се подигаат на билетарницата од киното секој ден од 11.00 до 13.00 часот.

Сценариото за филмот е од Горан Стефановски, директор на фотографијата е Апостол Трпески, сценограф е Миленко Јеремиќ, костимограф е Емилија И. Атанасовска, а шминкер е Светлана Гутиќ. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јорданоски, Сашко Коцев, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Ана Костовска, Гораст Цветковски, Владо Јовановски итн.

Дејството на филмот се случува во 1907 г. во Отоманска Македонија, неколку години по крваво задушеното Илинденско востание, по што земјата се наоѓа во општа пропаст и целосен пустош. Приказната ги следи случувањата на сложен љубовен четириаголник помеѓу: Крсто (Сашко Коцев), бескомпромисен и идеалистичен комита; Музафер (Тони Михајловски), безмилосен турски офицер; Филип (Мартин Јорданоски), „татин син“ опортунист што се враќа дома по завршени студии во Европа; и Тереза (Инти Срај), прониклива и слободоумна Европјанка во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија настани со далекусежни и несогледиви последици. Ликовите минуваат низ бурни судири, доживуваат катарзични искуства и стекнуваат длабоки нови самосознанија. Филмот е сурова, но љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена низ призмата на релативноста на идеите за слобода, правда, љубов, жртва и предавство…Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот, низ македонската историја, исполнет со историски апсурди.

Поврзани вести