Skip to main content

Кривична и од Внатрешна контрола за вработената што издавала лажни возачки

MИА

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против шест лица, и тоа Т.С., вработена во МВР на работно место „помлад советник за патни исправи“ во Одделението за управни работи Скопје при Одделот за граѓански работи, поради постоење основи на сомнение за сторени четири кривични дела „фалсификување исправа“ согласно член 378 од Кривичниот законик, како и против Б.А., С.Н., Ј.А., М.А. и Ф.А. поради постоење основи на сомнение за сторени шест кривични дела „фалсификување исправа“ во соизвршителство согласно член 378 во врска со член 22 од КЗ и едно кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ согласно член 380 од КЗ, соопшти денеска МВР.

Првопријавената Т.С., во периодот од почетокот на 2025 година, па се до 24.08.2026 со намера да направи лажна исправа како вистинска, во постапките за издавање на возачки дозволи за четири од пријавените лица С.Н., Ј.А., М.А. и Ф.А., искористувајќи ја својата шифра, во електронскиот систем незаконски извршила промена, односно додавање на возачки категории за кои наведените лица не ги исполнувале законски пропишаните услови за нивно стекнување, извршила одобрување на барањата и издавање на возачките дозволи.

Второпријавениот Б.А. во содејство и договор со првопријавената преку остварување на комуникација, со умисла посредувал во постапките за фалсификување возачки дозволи за пријавените лица М.А. и Ф.А., иако знаел дека наведените лица не ги исполнувале законски пропишаните услови за нивно стекнување.

Останатите четири пријавени лица, иако знаеле дека не ги исполнуваат законски предвидените услови за стекнување на возачка дозвола за конкретна категорија, ги започнале постапките за добивање на возачка дозвола со поднесување на барања, кои потоа од страна на првопријавената биле изменети со додавање на категории за кои пријавените не ги исполнувале законските услови за нивно стекнување. Дополнително, едно од овие лица, ја искористило возачката дозвола со незаконски додадена „А“ категорија и управувајќи мотоцикл ја преминал државната граница, односно ја употребил исправата со невистинита содржина во правниот сообраќај, иако знаел дека истата е со невистинита содржина.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Т.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност. По претходно поднесена кривична пријава против Т.С., Одделот веќе има изречено задолжителна мерка отстранување – суспензија од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

Поврзани вести