
Македонскиот ракометен првак Вардар в четврток ќе ја пречека Висла Плоцк во третото коло од ЕХФ Лигата на шампионите. Тренерот Иван Чупиќ и капитенот Васил Гогов очекуваат тежок натпревар против еден од најквалитетните европски состави, но веруваат дека со силна енергија, добра игра и поддршка од полните трибини „црвено-црните“ можат да стигнат до првите бодови.
– Висла е екипа која припаѓа меѓу десетте или дванаесетте најдобри во Европа. Нивните резултати во Полска и во Лигата на шампионите доволно зборуваат за квалитетот и амбициите на клубот. Келце долго време доминираше во полскиот ракомет, но во последните пет-шест години Висла се наметна како водечка сила. Тоа доволно покажува каков противник ни доаѓа во Скопје, истакна Чупиќ.
Стручниот штаб детално ги анализира нападот и одбраната на Висла, а Чупиќ очекува неговите ракометари да го одиграат најдобриот натпревар во нападот од почетокот на сезоната.
– Добро се подготвуваме, имаме добра енергија и добро тренираме. Ги анализираме сите сегменти од играта на Висла, и во нападот и во одбраната. Според мене, Висла во моментов ја игра најдобрата одбрана во Лигата на шампионите. Имаат тројца одбранбени специјалисти, многу се подвижни, агресивни и играат специфично. Нашиот напад мора да биде најдобар досега во оваа сезона. Мора да одиграме подобро отколку против Охрид, но и подобро отколку на натпреварот со Мелсунген. Сите сегменти мора да бидат на највисоко ниво – одбраната, враќањето, транзицијата и постигнувањето лесни голови. Сепак, ако треба да изберам еден клучен сегмент, тоа ќе биде нападот, нагласи Чупиќ.
Вардар одигра два квалитетни натпревари на почетокот од сезоната во Лигата на шампионите, но добрите изданија не беа наградени со бодови. Чупиќ посакува тоа да се промени против Висла.
– Во „Јане Сандански“ никој не смее лесно да одигра и лесно да ги освои бодовите. Сакам нашиот домашен терен да биде тврдина. Досега имавме две добри изданија за кои не бевме наградени, а сега сакаме тоа да го крунисаме со победа. Нашата желба е по три одиграни кола да ги имаме првите два бода, порача Чупиќ.
Почетокот на натпреварот в четврток (8 октомври) е во 20:45 часот.

Македонски


