
Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка се регистрираат годишно во земјава, а во моментов околу 7.000 пациентки се лекуваат или се лекувале, изјави министерот за здравство Сашо Клековски на „Розовиот пикник појадок“ во Паркот кај Школка, организиран од ХЕМА-ОНКО. Настанот го поддржа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и голем број жени кои присуствуваа за да ги слушнат пораките за важноста на превенцијата, раното откривање и отворениот разговор за ракот на дојка.
Министерот за здравство Клековски истакна дека подигнувањето на свеста за ракот на дојка останува еден од приоритетите, посочувајќи дека за успешно лекување неопходно е болеста да се открие навреме. Еден од главните проблеми сега, како што истакна тој, е скрининг програмата за рак на дојка, која според извештајот на Државниот завод за ревизија е неуспешна.
Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам многу бргу заедно со Хема – онко ќе промовираме нов концепт за скрининг програмата – рече Клековски.
Осврнувајќи се на третманот на пациентките, министерот информира дека два лека за рак на дојка се префрлени на позитивната листа, со што пациентките кои се на хронична терапија можат лековите да ги подигнуваат во аптеките, наместо да доаѓаат на Клиниката за онкологија. Според него, снабдувањето со лекови во моментов е стабилно, но Министерството за здравство анализира дополнителни мерки за надминување на прекините во испораката на терапијата.

Македонски


