
Сите подготовки за општите избори во Босна и Херцеговина, кои треба да се одржат в недела, на 4 октомври, се завршени, а нивната регуларност ќе ја следат голем број домашни и меѓународни набљудувачи, соопшти денеска Централната изборна комисија на БиХ (ЦИК).
За 518 позиции во органите на власта, од државно до кантонално ниво, на изборите се натпреваруваат повеќе од 7.000 кандидати од 76 партии, а право на глас согласно избирачкиот список имаат повеќе од 3,4 милиони гласачи. Гласањето ќе се одвива и во 20 дипломатско-конзуларни претставништва на БиХ во странство.
Претседателот на ЦИК, Јован Калаба, изјави пред новинарите во Сараево дека воведувањето нови технологии за идентификација на гласачите и евидентирање на резултатите од гласањето претставувало голем предизвик, но дека сите подготовки се успешно завршени.
– Предизвик беше во краток рок да се обучат илјадници членови на избирачките одбори, оператори и техничари за ракување со новата опрема. Пред нас се и предизвици на самиот изборен ден, можни се и одредени тешкотии, но презедовме сè за тие да бидат надминати што е можно побрзо – рече Калаба.
Идентитетот на гласачите на избирачките места ќе се утврдува со отпечаток од прст, а сите гласачки ливчиња ќе бидат скенирани веднаш по гласањето. Тоа треба да ѝ овозможи на ЦИК да ги објави првите прелиминарни резултати непосредно по затворањето на избирачките места, односно в недела околу 20 часот. За следење на изборниот процес, ЦИК досега акредитираше повеќе од 2.400 набљудувачи, од кои 756 се од странство.
Од друга страна, од коалицијата на невладини организации „Под лупа“, која го следи спроведувањето на изборите, предупредија дека досега документирале повеќе од 1.200 различни неправилности во текот на кампањата. Речиси половина од прекршоците се однесуваат на злоупотреба на јавни ресурси од страна на партиите и кандидатите за обезбедување наклонетост кај гласачите.
Според нивната евиденција, ЦИК по пријавите досега изрекла парични казни во вкупен износ од над 150.000 евра. Од коалицијата наведоа дека за речиси 20 проценти од неправилностите е одговорен Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик, а за околу 10 проценти Странката на демократска акција (СДА).
Координаторот на коалицијата, Дарио Јовановиќ, предупреди на можни опструкции и попречување на новите технологии на изборниот ден.
– Најсериозно ги предупредуваме сите политички субјекти и поединци кои имаат намера да го попречуваат изборниот процес дека ќе инсистираме да бидат санкционирани, а изборите на тие избирачки места и во тие локални заедници да бидат поништени и повторени, истакна Јовановиќ.
За изборите денеска реагираше и шефот на делегацијата на Европската Унија во БиХ, Луиџи Сорека, кој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и да изберат власт што ќе ја спроведе нивната определба за европска интеграција.
– Причините за бавниот напредок се добро познати. За жал, Босна и Херцеговина не ја искористи можноста да направи големи чекори напред во момент кога проширувањето е еден од главните приоритети на ЕУ, рече Сорека, додавајќи дека е за големо жалење што БиХ нема да биде меѓу земјите што следната недела ќе добијат нови насоки за пристапување од Европската комисија.

Македонски


