
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во опширно интервју за „Flashscore“ во кое говореше на повеќе теми откри дека една од неговите главни цели во кариерата е да ја предводи Македонија до пласман на Светско првенство, нагласувајќи дека нема намера да се повлече од фудбалот сè додека не го оствари тој сон.
„Сакам да одиграм цела сезона и да видам каде стојам статистички. Ако ги погледнете моите бројки, тие не се таму каде што треба да бидат. Тоа е единственото нешто што ми недостига. Статистиката ми е голем проблем. Ако го решам тој статистички проблем, луѓето ќе зборуваат за поинаков Елиф Елмас“, изјави македонскиот ас.
Тој додаде дека има целосна доверба во своите квалитети и верува дека може да покаже уште многу повеќе на теренот.
„Затоа мислам дека прво треба да ги подобрам моите бројки, а потоа луѓето ќе гледаат на поинаков начин на мене. Немам никакви сомнежи во мојот квалитет, затоа што точно знам што можам“, рече Елмас.
Сепак, најголемата желба за 27-годишниот фудбалер останува настапот на Светско првенство со македонската репрезентација.
„Отсекогаш ми бил сон да играм на Светско првенство со Македонија. Настапив на Европското првенство за играчи до 21 година во 2017 година, а потоа и на Европското првенство во 2021 година. Затоа Светското првенство е мојата крајна цел. Но, Македонија мора да продолжи да напредува од година во година.“
Елмас смета дека следниот чекор за националниот тим треба да биде пласман на Европското првенство во 2028 година, а потоа и атак на мундијалска виза.
„Не треба да мислиме само на Светското првенство. Прво треба да гледаме кон Европското првенство во 2028 година, а потоа ќе дојде и Светското. Сè додека сум здрав и можам да играм, ќе давам максимум. Мојата цел секогаш ќе биде настап на Европско и Светско првенство. Се надевам дека нема да ја завршам кариерата додека не се пласирам на Светско првенство, дури и ако тоа се случи по мојата 40-та година“, порача македонскиот репрезентативец.

Македонски


