
Петмина осомничени кои се поврзуваат со организација и регрутирање за тешко насилство се уапсени во Шпанија, Мароко и Франција, а меѓу нив се и бегалци кои се наоѓаа на листата на најбарани лица во Европската Унија (ЕУ), соопшти денеска Европол.
Акцијата била насочена кон оние за кои постои сомневање дека нарачуваат напади, пронаоѓаат извршители и координираат злосторства од странство, објавено е на веб-страницата на организацијата.
Француските власти, во соработка со шведската полиција и Европол, во Париз уапсија маж кој е осомничен за организирање убиство.
Шпанската национална полиција уапси државјанин на Шведска кој се сомнева за вмешаност во околу 20 тешки кривични дела насилство, вклучувајќи убиства и обиди за убиство насочени кон ривалски криминални групи. Тој наводно обучувал млади регрути за извршување убиства и координирал напади.
Мароканските власти уапсија државјанин на Данска по кого се трагаше поради наводно поттикнување убиства и киднапирања. Во земјата се уапсени и двајца државјани на Шведска поради сомневање дека имале водечка улога во криминалната мрежа „Фокстрот“.

Македонски


