
Веќе стана правило посетите на премиерот Мицкоски и владините министри на САД да се постојано на мета и предмет на критика од страна на македонската опозиција. Ништо не е различно и во случајот на последнава посета. СДСМ и Левица резултатите од посетата ги мерат според бројот на објавени фотографии, средби, изјави или секунди во кадарот поминати со високи државни претставници на земјата домаќин или претседателите и премиерите од другите земји.
Што да се коментира тука? За нив формата е најважна од сѐ. Содржината воопшто не ги интересира.
Тие никогаш не го поставуваат вистинското прашање, односно, дали овие посети се значајни за Македонија како држава и дали успеваме своите национални интереси да ги внесеме во разговорите со соговорниците, вклучително и со претставниците на големите сили?! Во последниве две години опозицијата никогаш не ги толкуваше ваквите посети како напор кој го вложува македонската влада да ги зацврсне постоечките, но во исто време и да отвори нови политички, економски и стратешки канали со Вашингтон и со пошироката меѓународна заедница.
Стратешкото партнерство не треба да биде дипломатско-политичка флоскула што се употребува само на свечени приеми, телевизиски интервјуа или партиски собири. Неговата вистинска вредност се гледа во тоа дали создава политичка комуникација, безбедносна соработка и економски можности. За Македонија, Вашингтон не е само формална дестинација која треба да се гледа како статистика според вредносните критериуми на СДСМ. Вашингтон е партнер со кој треба да се градат долгорочни интереси.
Средбите со државниот секретар Марко Рубио, членовите на Конгресот и Претставничкиот дом на САД, Клаудија Тени и Кит Селф се само неколку во низата средби коишто беа реализирани од македонската делегација. Да не го заборавиме и фактот што овие средби претставуваат додадена вредност на основната мисија на македонската делегација, односно учеството на Генералното собрание на ООН во Њујорк. Во рамки на оваа активност Мицкоски оствари средба и со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Во услови кога во САД гостуваа речиси сите светски државници, дури и претседателот на Иран со кој САД се во војна, критичарите од СДСМ ја замајуваат јавноста и бараат од македонската делегација да се наметне како прв приоритет на Трамп во разговорите со светските лидери. Во услови кога во Њујорк беше присутен целокупниот светски политички врв, во Вашингтон беше реализирана билатерална посета на претседателот на Кина, кој патем кажано, беше лично пречекан од американскиот претседател на самиот аеродром при слетувањето. Од тие причини, може слободно да се каже дека опозициските критики достигнуваат ниво на политички апсурд затоа што Мицкоски немал еднаков третман со Си Џипинг.
Секое објаснување на ваквите нереални тези е губење време. Истите политички протагонисти одат од крајност во крајност при своите оценки на меѓународната активност на владата на Мицкоски. Некогаш зборуваа дека владата е меѓународно изолирана, а сега очекуваат Мицкоски буквално да запали пура во кабинетот на Трамп, покрај останатите активности и средби коишто беа реализирани.
Потребно е да бидеме реални, да си го знаеме своето место и како такви да вадиме максимум од нашата политичка и дипломатска активност. Секое предимензионирање и вештачко зголемување на очекувањата кај македонската јавност и нанесува штета токму на таа јавност. Но, исто така, нанесува штета и на креаторите на таквите конструкции. СДСМ ќе беше многу посериозно сфатен доколку правеше дистинкција помеѓу нештата коишто треба да се поздрават и нештата коишто можеби имаат простор за критика. Со пристапот со кој што настапуваат, односно со критиката кон сѐ што работи и постигнува оваа влада, само испраќаат порака дека нивниот партиски интерес е секогаш поважен од интересот на граѓаните.
Исто така, според објавените информации, во разговорите коишто нашата делегација ги имала со американската DFC (Развојно финансиска институција на Владата на САД која ги поддржува инвестициите и приватниот сектор во странство) биле разгледувани можности за финансирање на енергетски и инфраструктурни проекти. Енергетската поврзаност била во фокусот на овие разговори.
Овие елементи од посетата имаат суштинско значење. Нив СДСМ воопшто не ги перципира ниту пак коментира како што тоа го прави за објавените фотографии, кој како бил облечен или за тоа дали имало или немало вода на масата на која се разговарало. Ако посетата произведе нешто трајно, тоа нема да биде фотографијата од Њујорк, туку евентуалната инвестиција, капитал, инфраструктура, енергетска сигурност и работни места што можат да произлезат од остварените разговори.
Нормално, никој не им го ограничува правото на СДСМ да го коментираат она што тие сметаат дека треба да го коментираат. Тоа е нивна политичка проценка и начин на делување со кој сметаат дека ќе добијат симпатии кај граѓаните. Но, политичката критика има смисла само ако се темели на реални очекувања и сериозна анализа на државните интереси. Во спротивно, од критиката останува политички рефлекс и инстинкт за преживување.
Мицкоски во САД зборуваше за потенцијални инвестиции во дата-центри и за високата технологија како еден од приоритетите на развојната стратегија на Владата. Македонија не може својата економска иднина да ја гради само врз моделот на евтина работна сила и ниски оперативни трошоци. Ако сакаме повисоки плати, повисока продуктивност и поголема додадена вредност, мораме да бараме инвестиции во технологии, енергетика, инфраструктура и индустрии на иднината. Ова во СДСМ не го гледаат или пак не сакаат да го видат.
На Генералното собрание на ОН, Македонија зборуваше за сопствениот интерес. Мицкоски пред целиот свет го сподели нашиот став за предолгото траење на евроинтегративниот процеси побара поголема предвидливост од ЕУ. По којзнае кој пат ја повтори историјата на компромиси што Македонија ги направи во име на добрососедството, стабилноста, европската и евроатлантската интеграција на државата. Процесот на европската интеграција треба да биде процес на институционални реформи, а не промена на идентитетот.
Затоа, на посетата на САД треба да се гледа како на нормална дипломатско-политичка активност на македонската влада. Македонија не треба да биде присутна во меѓународната политика само кога некој друг зборува за неа и кога е на менито на оние коишто зборуваат… како што беше тоа пред повеќе од сто години во Букурешт. Македонија треба да е присутна на сите важни светски настани каде што условите го дозволуваат тоа, особено онаму каде што има право и обврска да присуствува и учествува.
На крајот, времето ќе покаже што од разговорите во Њујорк ќе се претвори во конкретен договор, инвестиција или проект. Но, една работа е неспорна. Македонија не смее да си дозволи да биде отсутна од местата каде што се отвораат таквите можности. Владата има обврска да разговара, да преговара и да бара простор за македонскиот интерес. Токму тоа и го прави. За опозицијата останува политичкото право тоа да го критикува, а за граѓаните да ги оценуваат резултатите.

Македонски


