Skip to main content
HpRSaZw5edQ

Марио Стојановски ја претставува „Македонска хармоника“, историско издание на 20 македонски народни песни на светските музички платформи

Музичарот на хармоника Марио Стојановски ги објави албумите „Македонска хармоника“ и „Македонска хармоника 2“, самостојно музичко издание составено од вкупно 20 македонски народни песни, по десет на секој албум. Сите композиции се отсвирени исклучиво на хармоника, без учество на други музичари, а автор на сите аранжмани е Стојановски.

Проектот има јасна цел, македонската хармоника да се етаблира како препознатлив музички израз во светот на хармониката. Во светската дискографија постојат бројни изданија посветени на француската, италијанската, полската и други национални традиции на хармониката, но недостасува издание што ја претставува македонската.

Ние како народ и те како поседуваме музика, потребно е континуирано да се негува од генерација во генерација. Моите албуми се први од ваков карактер кај нас, би ги нарекол историско издание, но се надевам дека тие ќе бидат и поттик за други колеги хармоникаши кои ќе работат на заживување на овој стил и на уште посилно етаблирање на македонската хармоника“, вели Стојановски.

Песните се избрани според неговиот личен музички вкус, но со едно основно правило – сите да бидат македонски народни песни, без познат автор, односно да му припаѓаат на македонскиот народ. Дел од нив се добро познати, додека други, според Стојановски, заслужуваат повторно да бидат оживеани и доближени до новите генерации.

Не би можел да издвојам песна која отскокнува од другите. Сите 20 песни се македонски народни песни за кои лично сметав дека треба да добијат ваков уникатен аранжман. Секоја од нив ми беше подеднаков предизвик и секоја доби максимално внимание“, додава тој.

Во аранжманите е зачувана автентичноста на песните, со мали варијации и нови музички фрази, но во граници што не го менуваат карактерот на оригиналот. Фактот што целиот материјал е снимен само на хармоника, без дополнителни инструменти, според Стојановски, е доволен за песните да добијат нова звучна форма.

Народната традиционална музика најдобро се негува доколку ја свириме и ја пееме. Кога традиционална музика ќе се најде на која било модерна музичка платформа, за мене тоа значи дека некој добро си ја завршил работата и дека ѝ го продолжил векот на традицијата, а со тоа и ја заштитил културата на еден народ“, додава Стојановски.

Албумите се снимени во првата половина на 2026 година во Студио 16, кај продуцентот Марко Дениќ, кој, покрај професионалната соработка, е и долгогодишен колега и пријател на Стојановски. Самото снимање траело два месеци, но целокупната подготовка траела значително подолго. Вложениот труд во проектот, кој вклучува креирање, вежбање на инструментот и создавање на целосните аранжмани, траел околу две години.

Бројот од 20 композиции има повеќе значења. По десет песни се наоѓаат на секој од двата албума, што е практична и заокружена целина, но воедно претставуваат и по една песна за секоја година од дваесетгодишното активно музицирање на Стојановски на македонската естрада. Двата албума се посветени и на неговите два сина – по еден албум за секого.

Проектот продолжува. Во план се и „Македонска хармоника 3“ и „Македонска хармоника 4“, повторно со по десет македонски народни песни и без жанровско разграничување. И во идните изданија основната идеја останува иста, преку хармониката македонската народна музика да стигне до што поширока публика.

Изданието е целосно самостоен проект на Марио Стојановски, додека за дистрибуцијата на албумите се погрижи EMUBANDS LTD од Обединетото Кралство.

„Македонска хармоника“ и „Македонска хармоника 2“ се достапни на повеќе од 20 светски музички платформи, меѓу кои 7digital, Amazon, Anghami, Apple Music & iTunes, Audiomack, AWA, Boomplay, Claro Música, Deezer, Facebook/Instagram, FLO, JioSaavn, KKBOX, MediaNet, NetEase, Pandora, Peloton, Qobuz, SoundCloud, Spotify, Tencent, TikTok, TDC, TIDAL и YouTube Music.

Марио Стојановски потекнува од музичко семејство. Неговата врска со хармониката започнува на четиригодишна возраст, кога татко му му купува мала хармоника, истиот инструмент кој го чува и денес, а на кој првпат свирел и неговиот тригодишен син.

Почнува да свири на шест години. Неговиот прв и највлијателен учител е татко му, а музичкото образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде што завршува нижо музичко училиште по хармоника.

Музичката традиција ја носи и од претходните генерации. Неговиот прадедо свирел кавал во програмата на почетоците на македонското радио, а музиката ја продолжува и неговиот дедо. Неговиот татко, пак, со сопствениот оркестар настапувал на познати фестивали и снимал за Македонската радио-телевизија во раните деведесетти години. Стојановски својот прв настап го памети на осумгодишна возраст, во Универзалната сала во Скопје, на детски фестивал чиј водител бил познатиот македонски музичар и пејач Папас-Џокси.

Денес, по две децении активно музицирање на македонската естрада, тој преку „Македонска Хармоника“ прави уште еден чекор во негувањето и претставувањето на македонската традиционална музика.

Не можам да кажам дека младите не ја сакаат традиционалната музика. Прашањето е колку таа им е пренесена. Сметам дека недоволно ја познаваме сопствената народна музика, а доказ за тоа е што често помладата публика не ја препознава и ја меша со новокомпонираната музика. Токму затоа традицијата треба постојано да се свири, да се пее и да се пренесува“, потенцира Стојановски.