Skip to main content

Шпанската полиција откри соба за мачење, уапсени седум српски државјани

Шпанските медиуми објавија дека Националната полиција открила и затворила просторија наменета за мачење во куќа во Естепона, во областа Малага, и уапсила седум српски државјани, откако спасила две жртви.

„Алармот го вклучила девојката на еден од мажите кои биле мачени. Тој ѝ кажал на партнерката дека оди во куќата поради работа и дека, доколку не ѝ се јави во рок од 20 минути, треба да ја повика Националната полиција“, изјави полициски извор за медиумите.

Средбата била договорена за 5 септември. Откако поминале повеќе од половина час без да ѝ се јави партнерот, жената се јавила на бројот за итни случаи за да пријави дека се плаши дека нешто му се случило. Полицијата веднаш испратила патролно возило, а двајца полицајци одиграле клучна улога во спасувањето на двајцата мажи.

„Полицајците ја прескокнале оградата бидејќи никој не им одговарал, а стравувале дека ситуацијата може да биде критична. Тогаш од куќата ненадејно излегол гол маж со тело прекриено со крв и извикал: „Ќе нè убијат! Ќе нè убијат!“… Полицајците повикале засилување и не се двоумеле ниту секунда да влезат во куќата во Естепона, каде што не можеле да поверуваат што откриле“, објавија медиумите.

Како што се гледа на видеото, собата била обложена со пластична фолија, а во неа имало алат за мачење, како клешти и чекани. Во просторијата во моментот на упадот на полицијата се наоѓал и еден маж кој бил гол, врзан за стол и прекриен со крв.

За време на претресот беа запленети и оружје, две пушки АК-47 и пиштоли.

Извор: МКД.мк

Поврзани вести