
Македонија нема да се откаже од европската идеја поради тешкиот и долг пат кон членството, но очекува интеграцијата да остане процес заснован врз заслуги и мерливи критериуми, а не билатералните прашања постојано да ја поместуваат целта, порача претседателот на Владата од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во обраќањето на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на ОН, премиерот нагласи дека Европската Унија и натаму останува природен политички, економски и институционален дом на Македонија.
– Нема да се откажеме од европската идеја затоа што европскиот пат беше тежок – порача тој.
Премиерот истовремено призна дека Македонија има многу работа што мора да ја заврши дома. Потребно е зајакнување на владеењето на правото, градење поефикасни институции и поконкурентна економија, како и враќање на довербата на граѓаните во сопствената држава.
Според него, тоа е домашна одговорност што македонските власти не смеат и нема да ја префрлаат врз Брисел.
– Тоа е наша одговорност и нема да ја префрлиме на Брисел – нагласи претседателот на Владата.
Сепак, паралелно со реформите што треба да ги спроведе Македонија, и Европската Унија има обврска да обезбеди кредибилен, предвидлив и правично уреден процес на интеграција.
Македонија очекува напредувањето кон членството да зависи од исполнувањето на јасно утврдени критериуми, а не од дополнителни услови што произлегуваат од билатералните односи со одделни земји членки.
– Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди – порача премиерот.
Тој предупреди дека довербата во европскиот процес се нарушува кога критериумите се менуваат додека процесот веќе трае или кога исполнувањето на поставените услови не води кон очекуваниот напредок.
Ако од земјите кандидати се бара да исполнат конкретни критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да биде соодветно вреднувано. Во спротивно, тешко може да се бара од граѓаните да продолжат да веруваат во интеграцијата, компромисот и во вредноста на преземените обврски.
Премиерот нагласи дека Македонија во поновата историја донела тешки одлуки и направила сериозни отстапки во име на мирот, добрососедството и повисоката цел – интеграцијата во европските и евроатлантските структури.
Земјата продолжила да се движи напред и тогаш кога процесите траеле подолго отколку што една генерација граѓани можела разумно да очекува. Токму затоа, според него, правилата не смеат да се менуваат во зависност од моменталниот однос на политичките сили.
Преземените обврски мора да имаат трајна вредност и да претставуваат основа врз која граѓаните ќе можат да ја планираат својата иднина.
Од македонските граѓани се бара да веруваат во соработката, добрососедството, компромисот и заемната почит. Но тоа станува сè потешко кога гледаат дека секој направен компромис може да биде проследен со ново барање.
Според премиерот, кредибилниот процес на проширување не е важен само за Македонија и другите земји кандидати. Тој е подеднакво важен и за самата Европска Унија.
Геополитичката тежина на Европа во иднина сè повеќе ќе зависи од нејзината способност дадените ветувања да ги претвори во конкретни политички резултати, доследно да ги брани вредностите за кои се залага и да остане истрајна во нивното унапредување и покрај предизвиците со кои се соочува.
Македонија, како што порача премиерот, останува посветена на членството во Европската Унија и на исполнувањето на европските стандарди. Но истовремено очекува Унијата да покаже дека нејзините правила важат еднакво, дека критериумите се мерливи и непроменливи и дека постигнатиот напредок носи реален резултат.

Македонски


