
Скопски градски фестивал в петок, на 26 септември, ќе го заокружи своето седмо издание со заеднички концерт на словенечкиот саксофонист Васко Атанасовски и ансамблот „Полифонија“. Настапот ќе се одржи во Камерната сала на Македонската филхармонија, каде публиката ќе слушне авторски композиции на Атанасовски и дела инспирирани од балканската традиција.
Словенечкиот саксофонист и композитор Васко Атанасовски доаѓа во Скопје со статус на еден од најактивните современи музичари од регионот. Неговиот заеднички проект со „Полифонија“ ги спојува џезот, класичната музика и балканското наследство. На репертоарот се авторски дела создадени специјално за вакви камерни состави.
Организаторите од „Баги Комуникации“ посочуваат дека целта на фестивалот не е само просто гостување на странски автори. Фокусот е ставен на заедничко творештво на уметници од шест земји: Македонија, Словенија, Албанија, Грција, Црна Гора и Бугарија.
Скопскиот градски фестивал започна во 2021 година како платформа за промоција на регионалната уметничка соработка. Во изминатите шест години преку оваа сцена поминаа над сто изведувачи.
Годинашната програма се одвиваше низ неколку концертни вечери во Камерната сала на Филхармонијата и на сцената „Лепеза“ во Градскиот парк. Меѓу учесниците беа контрабасистот Мартин Ѓаконовски, пијанистот Гент Руши од Албанија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, гитаристот Мухамед Ибрахими и пијанистката Милјана Николиќ.
Завршната вечер во петок ја спушта завесата на овогодишното фестивалско издание.

Македонски


