
Во четврток, на 17 септември во 19 часот во галеријата „Метаноја“ ќе се одржи книжевно уметнички настан на кој ќе биде промовирана книгата „Создавањето на златниот свет“ од Коста Милков, а потоа ќе се отвори изложба на илустрации од книгата на Владимир Илиевски.
Настанот ќе го отвори директорката на Метаноја м-р Нада Милкова која е воедно и уредник на книгата и од која потекна идејната визија и за претходниот и за овој роман за деца.
За книгата „Создавањето на златниот свет“ Оливера Ќорвезирска која ќе го промовира романот пишува:
„Златен свет“ е романескна парабола за борбата помеѓу доброто и злото, која во себе собира многу знаења од различни области и пак останува место за топла, универзална приказна и за мали и за големи … Алузиите и предлошките за настанувањето на светот, …ја раслојуваат приказната на повеќе нивоа, па секој потенцијален читател може да „одбере“ слој по сопствена мерка.
На настанот ќе се обрати и Габриела Милкова-Робинс која како предговор во романот напиша „Белешка од ќерката“. Во неа таа пишува
Драги деца, добре дојдовте назад во Светот на сребрениот кладенец. Овој пат ќе се вратиме назад низ времето за да дознаеме за создавањето на Златниот Свет и за сето она што следи. Вистинскиот херој на оваа приказна е Платнар и неговата моќ да му се спротивстави на злото. … Ве поканувам вас, деца, како и вас, „големи деца“, уште еднаш да зачекориме во Златниот Свет и да учествуваме во најбунтовниот чин на ова време: да не станеме рамнодушни и да останеме љубопитни.

Македонски


