
Усвојувањето на Изборниот законик од страна на сите политички партии сè уште е во фаза на преговори. По промената во Министерството за правда, има напори за усвојување на овој закон – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, кој денеска одговараше на новинарски прашања на теми европска интеграција и реформи за нашата земја.
– Вие знаете, тој закон беше едногласно прифатен од повеќе политички фактори, да кажам политички партии, кои се дел од Собранието, меѓутоа во последен момент се повлекоа две политички партии, не ги поддржаа овие измени. По промената во Министерството за правда, веќе има напори за усвојување на овој закон, меѓутоа тоа е во фаза на преговори сè уште – изјави Сали.
Прашан дали се работи и на Кривичниот законик, вицепремиерот Сали одговори потврдно и посочи дека новиот министер за правда е посветен и на тоа.
- Новиот министер е посветен и на Кривичниот законик, така што сметам дека тоа се закони што бараат поширок консензус и поддршка од повеќе нивоа. Министерот работи и се надевам дека ќе успее да се реализира крајната цел – истакна Сали пред почетокот на меѓурегионалната средба на главни преговарачи и претставници надлежни за евроинтеграција од земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и од Европската комисија и меѓународните партнери.

Македонски


