Skip to main content

Јубилејно издание на „Статуафест – Другото лице на улицата“

10 години, 10 изданија, илјадници средби со публиката и една улица што постојано добива ново лице!

Оваа година „Статуафест – Другото лице на улицата“, во организација на Театроск, го слави своето десетто, јубилејно издание. Фестивал кој веќе една деценија го претвора јавниот простор во сцена, а случајните минувачи во публика.

Секоја година „Статуафест“ отвора нова тема, ново прашање и нов начин на комуникација преку уличната уметност.

Овојпат, покрај големиот збор „ЈУБИЛЕЈ“, фестивалот испраќа и уште една силна порака:

„Слобода е да не го правиш она што не сакаш да го правиш.“

Во трите фестивалски денови ќе бидат поставени 15 улични акти со живи статуи, во кои ќе учествуваат над 20 артисти – уметници кои веќе се дел од продукцијата на Театроск.

Во последните неколку години Театроск става силен акцент на едукација, развој и ангажман на домашни артисти, создавајќи простор за нивно професионално искуство и активно учество во уличната уметност.

На тој начин,„Статуафест“ не е само фестивал, туку и платформа која ја збогатува и проширува македонската артистичка сцена.

Кон “Статуафест – Јубилеј” ќе биде поставена и уметничка инсталација “Силуети од минатото” на Горан Казанковски која е составена од рачно стилизирани светлечки фигури на луѓе, изработени со една линија и светлечка лента. Преку минималистичката форма и светлината, силуетите го оживуваат просторот и создаваат интеракција со посетителите, отворајќи асоцијации кон минатото и сеќавањето.

На фестивалот ќе биде поставена и ликовна изложба на уметникот Ненад Рафајловски, инспирирана од досегашните улични живи статуи и визуелни акти што ги создаде и изведе Театроск. Рафајловски преку своите дела ќе го долови светот на овие необични улични ликови – создадени во Скопје, на фестивалот „Статуафест“, но и низ бројните европски фестивали на кои Театроск настапува веќе петнаесет години.

Изложбата ќе претстави еден поинаков поглед кон историјата и развојот на продукцијата на Театроск, претворајќи ги минливите улични перформанси во трајни ликовни и уметнички спомени.

Плоштад Македонија и ул. Македонија – Скопје

17, 18 и 19 септември 2026

Почеток: 18:30 часот

Три вечери во кои улицата повторно ќе оживее.

Петнаесет актови.

Над дваесет артисти.

Една деценија историја.

И едно ново лице на улицата.

Поврзани вести