Skip to main content

Работилници за фотографија во Офицерски Дом Битола

Офицерскиот Дом во Битола, еден од најрепрезентативните културни споменици во Македонија и архитектонски бисер стар повеќе од 100 години. Oваа есен тој станува центар на нов проект кој ја поврзува неговата богата фото-архивска историја со современите дигитални и креативни алатки. Проектот „Офицерски Дом – Резонантна меморија на градот Битола“ официјално започнува со отворен повик за учество на млади од Битола.

Целта на проектот е да поттикне современа креативна и дигитална интерпретација на локалното културно наследство, со фокус на Офицерскиот Дом, преку создавање трајни аудио-визуелни креативни содржини кои ќе придонесат кон неговата јавна видливост, културна промоција и интеграција во локалната културна и туристичка понуда. Активностите, покрај запознавањето со историјата и значењето на на ова монументално здание, ќе вклучуваат истражување, дигитализација и селекција на архивски фотографии од Домот, а преку креативните работилници учесниците ќе се запознаат и со процесот на креирање на аналогната фотографија, како и дигитално архивирање и репарација на стари фотографии и обработка на фото-архива со помош на современи дигитални алатки.

За учество се повикуваат млади луѓе на возраст од 16 до 26 години, од Битола и регионот. Пријавување за учество трае до 25 септември на следниот линк:.https://forms.gle/JGJnJp5aFKYiHLWTA