
Скејт-заедницата во Скопје започна донаторска акција за реновирање на дотраените елементи во скејт-паркот во Карпош. Акцијата е повик до сите граѓани, поранешни и сегашни корисници на паркот, родители, компании и организации да помогнат скејт-паркот во Карпош повторно да стане безбедно, функционално и достапно место за спорт и заедница.
Со собраните средства ќе се заменуваат дотраените композитни и дрвени елементи со поиздржливи бетонски решенија, ќе се санираат површините за возење, ќе се обноват рампите и ќе се постават нови метални рабови и шини. Секој дониран денар ќе биде наменет за материјали и изведба на работите.
Општина Карпош веќе ја издаде потребната дозвола за обновување, а следниот чекор е собирање средства за бетон, метал, останати материјали и стручна работна сила.
Скејт-паркот во Карпош секојдневно го користат деца и млади од Скопје и пошироко. Тој е отворен и бесплатен простор, без членарини, регистрација, селекција или финансиски бариери. За голем дел од младите, токму овој парк е единственото место каде можат слободно да спортуваат, да се дружат и да развиваат вештини во скејтбординг, ролери, BMX и други урбани спортови.
Но, по години интензивна употреба, дел од елементите во паркот се во лоша и небезбедна состојба. Дрвените површини се скапани, металните рабови и шини се разлабавени, а одредени конструкции се нестабилни и кородирани. Ризикот од повреди не доаѓа само од природата на спортот и изведувањето трикови, туку и од дупките, оштетувањата и неисправните површини за возење.
– Ова не е само прашање на подобри услови за скејтање, туку и прашање на безбедност и грижа за јавен простор што им припаѓа на младите. Ние сме луѓето што секојдневно го користиме паркот и сакаме да го вратиме во состојба во која ќе може безбедно да го користат сегашните и идните генерации – порачуваат од скејт-заедницата.
Сметка за донации: 210-0602535801-87
Со ознака до: ЕКСТРИМ СПОРТС Скопје

Македонски

