Skip to main content

Jazz Factory Festival 2026 – Кина — специјален концерт на XU Quintet во Македонија

Додека Џез фактори фестивалот се подготвува за 10-тото јубилејно издание, следниот април, со гордост најавуваат посебен концерт со кој ќе ја заокружат фестивалската 2026 година — нов музички мост меѓу Македонија и Кина.
Концертот го организираат во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, отворајќи ново важно поглавје во меѓународната соработка.

Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет — Скопје, на 24 септември со почеток од 19 часот.
За првпат, Jazz Factory Festival го претставува извонредниот кинески џез состав: 晗曈爵士五重奏 · XU QUINTET.

Основан од браќата Zhihan Xu и Zhitong Xu, XU Quintet претставува нова генерација кинески џез музичари, чие творештво е обликувано од кинеското музичко наследство и европската џез сцена. Двајцата браќа студирале и ја развивале својата музичка кариера во Германија, градејќи уникатен музички јазик кој поврзува кинески музички традиции, современ европски џез и меѓународна импровизација. Нивниот репертоар во голема мера се темели на авторска музика, во која различни културни и уметнички традиции се среќаваат преку современиот џез. XU Quintet настапувал на значајни кинески џез сцени и фестивали и реализирал бројни концерти низ Кина, градејќи силно присуство на современата кинеска џез сцена. XU Quintet е дел од поширокиот професионален екосистем на Chinese Jazz Association (CJA), од Chinese Musicians’ Association.
Ова е повеќе од концерт.
Ова е уште еден чекор кон создавање директен културен мост меѓу Македонија, Кина и Европа.

Од Битола кон светот
Преку соработката со партнерите во Кина и China Shanghai International Arts Festival SPAF2026 мрежата, Jazz Factory продолжува да ги поврзува уметниците, фестивалите и културните организации преку границите — промовирајќи ја Македонија на меѓународната културна сцена. Тоа е културната дипломатија во својата најубава форма: уметници со уметници, култури со култури и нови можности создадени преку музиката. Посебна благодарност Џез фактори фестивалот упатува до Општина Битола, за препознавањето на значењето на Jazz Factory и за поддршката на нивната работа и нивниот меѓународен развој.

2026 — година на раст и нови постигнувања 
Оваа година Jazz Factory Festival ја реализираше најобемната програма досега: 9 концерти, 2 промоции на книги, 1 мастер-клас, 1 Jazz Factory for Kids програма, 1 награда „Гоце Димитровски“, 1 Годишна конференција на џез фестивали, 1 прес-конференција. Вкупно 16 програмски настани, кои ги поврзаа уметниците, публиката, младите музичари и културните професионалци во Битола, Скопје, Демир Хисар и Охрид.

„Време е да ги отвориме очите“, велат организаторите и додаваат:
„Но, додека Jazz Factory Festival градеше нови меѓународни партнерства и ја претставуваше Македонија во европската и глобалната џез мрежа, Министерство за култура не ја поддржа овогодинешната фестивалска програма ниту активностите за меѓународно вмрежување, во годишната програма за проекти од национален интерес во културата. Ова треба да нè натера да застанеме и да се запрашаме: 
Каква културна иднина сакаме?

Меѓународното вмрежување не е дополнителна активност. Тоа е местото каде што се создаваат идните соработки, каде што македонските уметници се поврзуваат со светот и каде што нашата земја го гради своето културно присуство надвор од своите граници – еден од приоритетите кои министерството ги бара од сите фестивали – апликанти.
Веруваме дека патот напред е јасен:
Поддршка на меѓународното вмрежување како суштински дел од културниот развој. Инвестирање во културната дипломатија и во организациите кои веќе ги градат мостовите со Европа и светот.
Континуитет за меѓународните партнерства да можат да прераснат во долгорочни можности за македонските уметници и публиката.
Светот ги отвора своите врати за македонската култура.
Нашите институции треба да ни помогнат да поминеме низ нив“.

Музиката продолжува. Врските растат.
И овој септември, Кина доаѓа во Македонија.
Бидете со нас на завршниот концерт на Jazz Factory за 2026 година — како најава за 10-тото јубилејно издание на Jazz Factory Festival во април 2027 година.

Поврзани вести