
Царинската управа денеска на царинскиот терминал Табановце ги презентираше резултатите од активностите реализирани со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на ИПА 2021 Акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, во поддршка на трговијата“.
На настанот, на кој домаќин беше директорот на Царинската управа Бобан Николовски, присуствуваше и се обрати претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски. Свои обраќања имаа и, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас.
Преку поддршката од Европската Унија, во вредност од околу 4 милиони евра, во изминатиот период Царинската управа ги зајакна своите оперативни, истражни и технолошки капацитети. Обезбедени се 26 специјализирани возила, од кои 21 за мобилните царински тимови и 5 за К-9 единицата, како и специјализирана опрема за царинска контрола и истраги, опрема за откривање недозволена трговија, форензичка опрема и информатичка инфраструктура.
„Ова не се само материјални средства. Ова се алатки со кои нашите царински службеници секојдневно ќе можат поефикасно да ја извршуваат својата работа – да ги препознаваат ризиците, да спречуваат нелегална трговија, да откриваат шверц и да придонесуваат кон борбата против организираниот и прекуграничниот криминал“, истакна директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Покрај зајакнувањето на капацитетите за контрола и истраги, значаен дел од европската поддршка е насочен и кон дигитализацијата и олеснувањето на легалната трговија.
Во рамки на проектот развиени се EORI2 – системот за регистрација и идентификација на економските оператори и UUM&DS – системот за унифицирано управување со идентитетите на корисниците и дигиталниот потпис. Со нивното воведување се овозможува поедноставен и побезбеден пристап на економските оператори до царинските електронски услуги, намалување на административните чекори и подобра поврзаност со националните и европските царински системи.
„Силна царина не значи само силна контрола. Силна царина значи и брза, модерна, дигитална институција која им овозможува на економските оператори полесно да функционираат. Безбедноста и олеснувањето на трговијата се два од нашите клучни приоритети кои се надополнуваат“, порача Николовски.
„Мораме да покажеме дека криминалот е неисплатлива професија. Царинската управа е на првата линија на одбраната на законот и владеењето на правото и треба да се движи во таа насока. Оваа Влада има сериозна и недвосмислена намера да застане на патот на сите оние кои избрале да бидат сојузници на криминалот” порача претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.
„Денеска сме овде на Граничниот премин за да ги видиме конкретните резултати од еден уште еден значаен проект реализиран со поддршка од ЕУ во вредност од 4 милини евра. Неговото значење е многу поголемо од вредноста на набавената опрема. Ова е инвестиција во институција која има исклучително важна улога за државата – во заштитата на финансиските интереси, во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, но истовремено и во создавањето услови за побрза и поедноставна трговија. Сето ова значи подобри услови за работа на царинските службеници, поголема мобилност и подобри капацитети за откривање и спречување нелегална трговија и прекуграничен криминал“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Специјализираната опрема за мобилните царински единици, надградениот серверски простор во Царинската управа и новиот ИТ-систем за регистрација на економските оператори се практични инвестиции. Ова е видот на европска интеграција што граѓаните можат да ја видат и почувствуваат: граничен премин кој функционира подобро, стока која се движи побрзо, бизниси кои се соочуваат со помалку пречки и царински службеници кои располагаат со алатките што им се потребни за да ја гарантираат безбедноста на граѓаните“, истакна амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.
Царинската управа продолжува со модернизација и дигитализација на своето работење, развој на човечките капацитети и унапредување на оперативната и меѓународната соработка, со цел натамошно усогласување со европските стандарди и градење современа, професионална, ефикасна и сигурна царинска служба.
Поддршката од Европската Унија претставува значаен придонес кон зајакнувањето на капацитетите на Царинската управа и кон создавањето услови за поефикасна заштита на економските и финансиските интереси на државата, но и за побрзо и поедноставно одвивање на легалната трговија.

Македонски

