
Бахреин соопшти дека нема да учествува на разговорите во Оман, закажани за понеделник, меѓу земјите од Персискиот Залив и Иран за отворање на Ормуска Теснина.
Официјален Техеран вчера соопшти дека в понеделник во Оман ќе се одржи средба со претставници на земјите од Заливот, со цел да се расправа за прашањето на Ормуска Теснина, која повеќе од шест месеци се наоѓа под иранска блокада.
„Целта на оваа средба е да се поттикне подобро разбирање меѓу земјите од регионот и да се придонесе за зајакнување на заедничката регионална безбедност“, се наведува во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи, од каде што додадоа дека на разговорите ќе учествуваат Ирак и други земји со излез на Персискиот Залив.
Сепак, од Министерството за надворешни работи на Бахреин порачаа дека кралството „нема да учествува на ниту една средба на која присуствува Иран, пред да бидат обновени билатералните дипломатски односи“.
Од бахреинското министерство исто така нагласија дека мора да биде гарантирано слободното минување на бродовите низ Ормуска Теснина „без дискриминација, такси или барања за дозвола“.

Македонски

