Skip to main content

Велешки театар вечерва ја отвора новата сезона со премиера на претставата „Нона“

На 11 септември 2026 година (петок), со почеток во 20 часот, Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ја отвора новата сезона со премиерата на претставата „НОНА“, според текстот на познатиот аргентински драмски автор Роберто Коса, во режија на Дамјан Костовски.

Станува збор за познатата црна комедија која со децении ги освојува сцените ширум светот, а во велешкиот театар добива ново сценско читање и своја современа интерпретација.

Во насловната улога настапува Фаик Мефаилоски, а покрај него играат Кире Ацевски, Благојчо Стојанов, Кети Борисовска, Васил Зафирчев, Славица Манаскова и Талија Ѓорѓиева. Во авторскиот тим се и: драматург е Катерина Момева, сценограф Филип Коруновски , костимограф Марија Пупучевска и кореограф е Кренаре Невзати Кери

„Нона“ на Роберто Коса на прв поглед е комедија за едно необично семејство и неговата стогодишна баба. Но, зад комичните ситуации, апсурдот и црниот хумор се крие многу посериозна приказна – приказна за семејството, сиромаштијата, егзистенцијата, стравот од иднината и човековата борба за опстанок. Нона е стара жена која живее со своето семејство и има една, наизглед едноставна, но за семејството разорна потреба – постојано да јаде. Нејзиниот ненаситен апетит постепено станува центарот околу кој се врти целиот живот на семејството. Она што започнува како комична семејна ситуација постепено се претвора во борба во која секој член мора да се соочи со сопствените граници.

Колку може да издржи едно семејство кога ресурсите се ограничени? Што се случува кога љубовта и семејната грижа ќе се судрат со голата потреба за преживување? И, конечно – до каде е човекот подготвен да оди за да се спаси себеси?

Токму во овие прашања лежи силата на „Нона“. Публиката се смее, но зад смеата постепено се открива едно болно и препознатливо човечко лице. Коса создава свет во кој трагичното и комичното постојат истовремено. Апсурдните ситуации се претвораат во огледало на општеството, а семејната приказна станува универзална приказна за човекот и неговата борба со околностите. „НОНА“ не е само комедија. Тоа е претстава за оние моменти кога смеата ни помага да се соочиме со нешта за кои можеби не сакаме да зборуваме: за семејството,сиромаштијата,алчноста, љубовта, преживувањето и за човекот кој, кога ќе се најде притиснат до ѕидот, може да стане способен за нешта за кои никогаш не верувал дека е способен.

Роберто „Тито“ Коса (1934–2024) е еден од најзначајните аргентински драмски автори и претставник на таканаречената „Генерација на новиот реализам“. Роден е во Буенос Аирес, а пред целосно да ѝ се посвети на драматургијата, повеќе од четири децении работел како новинар, меѓу другото и за познатите аргентински весници „Clarín“, „La Opinión“ и „El Cronista Comercial“. Неговата драматуршка кариера ја одбележуваат дела како „Нашиот викенд“, „Туте Кабреро“, „Стариот слуга“, „Грис де Аусенсија“, „Јепето“, а над сите нив се издвојува „Нона“, делото што прерасна во еден од класиците на аргентинскиот театар. Коса бил и еден од промоторите на легендарното „Teatro Abierto“, движење кое одигра значајна улога во аргентинскиот театар во периодот на воената диктатура. За своето творештво добил бројни признанија, меѓу кои Националната награда за театар на Аргентина, Konex de Platino и други значајни награди за драматургија.

Режијата на „Нона“ ја потпишува Дамјан Костовски, режисер чија работа е насочена кон современите сценски читања и истражувањето на односот меѓу човекот, општеството и театарот. Костовски е поврзан со повеќе театарски проекти, а меѓу неговите режисерски остварувања се издвојуваат „Пијани“ по текст на Иван Вирипаев, „Спасени“ по Томислав Зајец и „Казабалкан“ според Горан Стефановски.

Поврзани вести