
За Коридорите 8 и 10Д, во должина од 108 километри и со проценета вредност од 1,3 милијарди евра, ДЗР утврдил дека заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоците се однесувале на градба, што покажувало отстапување од планираната динамика, рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски, додавајќи дека истовремено, ревизорите утврдиле сериозни слабости во управувањето со капиталните инвестиции и милионски провизии за неповлечени средства кај инфраструктурните проекти.
Затоа СДС и ДУИ мора да одговорат: Како се управувало со проект вреден над 1,3 милијарди евра, ако до крајот на 2023 година само 0,12% од трошоците биле за градба? Каде и за што се трошеле парите? Зошто се доцнело со реализацијата? Кој бил задолжен да ја контролира динамиката и трошењето на средствата? И зошто државата плаќала милионски провизии додека средствата останувале неповлечени, а проектите доцнеле? Ова се прашања на кои јавноста заслужува одговор. Особено денес, кога може да се направи јасна споредба, порача Велјановски.
Потсети дека денес се гради на Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола. На Гостивар–Букојчани напредокот во 2026 година е речиси 60 проценти, а градежни активности има на околу 14 од 17,5 километри на Тетово–Гостивар.
Тоа покажува дека проектите можат да се реализираат кога институциите работат и кога има контрола врз реализацијата. Но сегашната изградба не ја брише одговорноста за она што се случувало претходно. Затоа бараме Јавното обвинителство да реагира и да го истражи ревизорскиот извештај на ДЗР. Да ги испита договорите, исплатите, провизиите и динамиката на реализација, и да утврди кој носел одлуки и кој бил одговорен за управувањето и контролата на проектот. Одговорност мора да има, вели пратеникот.

Македонски


