Skip to main content

Најмалку четворица убиени и над 20 повредени во израелски напади во Либан

Најмалку четири луѓе загинале, а 20 се повредени во израелските напади врз подрачјето на Набатије во јужен Либан, јавуваат либански медиуми.

Израелската армија исто така ја нападнала и уништила болницата „Гандур“ во местото ал-Набатије ал-Фаука, објект што со години е вон функција. Пријавено е дека има и повредени.

Интензивен напади е извршен и врз самиот град Набатије, каде главна мета била историска зграда во сопственост на братот на пратеникот Насер Џабер.

Во нападот е причинета голема материјална штета и на зградите на регионалните оддели за финансии и земјоделство во Набатије, што се наоѓаат во објект во непосредна близина на местото на нападот.

Канцелариите претрпеле значителна штета, искршени се прозорци и врати, а документи и списи биле расфрлани насекаде. Оштетени се и десетици продавници и кафулиња во близина на местото на нападот.

Израелската армија претходно соопшти дека либанската група Хезболах со два дрона нападнала израелски војници во јужен Либан.

Припадници на Израелските одбранбени сили собориле еден од дроновите, а ниту еден војник не бил повреден. Според израелската армија, нападот претставува сериозно кршење на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан, истакнувајќи дека Израел возвраќа со напади врз цели во јужен Либан.

Израелскиот информативен портал „Јнет“, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека болницата во областа Набатије повеќе не била во употреба и дека Хезболах ја користел како база.

Поврзани вести