
Делчево се подготвува за одбележување на 7 Септември – Денот на ослободувањето на градот со богата програма во рамки на манифестацијата „Денови на мојот град – Делчево“.
Празничните активности, како што информираа од Општината ,започнуваат во деновите пред централното одбележување, со содржини од областа на културата и спортот, а кулминацијата ќе биде на 7 септември, кога Делчево ќе одбележи 82 години од своето ослободување.
На 4 септември, во фоајето на Спомен-домот АСНОМ, со почеток во 12:30 часот, ќе биде отворена ликовна изложба на Ана Митревска, во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево. На 6 септември, градот ќе биде во знакот на спортот, планината и здравиот начин на живот преку традиционалниот настан „Голак Треилс“. Програмата започнува во 8 часот со патеката „Калчовица“, во 9 часот продолжува патеката „Голак Треилс“, а во 10 часот ќе се одржи детската трка. Спортскиот ден ќе биде заокружен со концерт на групата „The Hounds“ на Летната сцена во Градскиот парк, со почеток во 12 часот, информираат од Општина Делчево.

Централниот ден од програмата како што додадоа е 7 Септември – Денот на ослободувањето на Делчево.
Одбележувањето ќе започне во 9 часот со прием на делегации во кабинетот на градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски. Во 10 часот, пред Споменикот на Народноослободителната борба, ќе биде прочитан реферат за значењето на НОБ од 1941 до 1944 година, а во 10:10 часот ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ. Во 10:30 часот, во салата на Спомен-домот АСНОМ, ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Делчево, на која ќе се обратат претседателот на Советот Николчо Стојменовски и градоначалникот Иван Гоцевски, додаваат од Општина Делчево.
Во рамки на седницата ќе биде доделена наградата „7 Септември“ на проф. д-р Трајан Гоцевски, како и други награди и признанија, а по свечената седница, во 11:15 часот, ќе биде промовирана автобиографската едиција „Белешки и анализи“, прв том „Од Селник до Универзитетот во Скопје“ од проф. д-р Трајан Гоцевски. Промотор ќе биде проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Во исто време, од 11 до 13 часот, на паркингот пред Спомен-домот АСНОМ, граѓаните ќе имаат можност да ја проследат воено-показната поставка на опрема и персонал на Армијата, со презентација и тактичко-технички збор од припадници на 2. пешадиски баталјон од гарнизонот во Штип.

Празничната програма продолжува со детска претстава на Летната сцена во 12:30 часот, во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево.
Попладнето е резервирано за љубителите на автомобилизмот. Од 16 часот, на паркингот пред Спомен-домот АСНОМ, ќе се одржи „Ретро Кар Шоу“, со официјално отворање, претставување на учесниците, оценување и прогласување на победниците.
Празничниот ден ќе заврши со музичка програма. Од 20:30 часот, на локацијата кај раскрсницата кај Стопанска банка, ќе настапат Стојне Николова и Иван Тренчевски Бенд, а од 22 часот забавата ќе продолжи со диџеј.
Поради одржувањето на вечерниот настан, од 19:30 часот на 7 септември до 2 часот на 8 септември ќе биде во целосен прекин сообраќајот на улицата „Методи Митевски-Брицо“, на потегот од семафорите до крстосницата пред мостот на реката Брегалница.

Сообраќајот од мостот на Брегалница ќе се пренасочува по улиците „Љубомир Белогаски“ и „Кеј на Ослободувањето“, додека возилата од правец на Милково Брдо ќе се пренасочуваат по Булевар „Македонија“.
Од Општина Делчево апелираат до граѓаните да ги користат расположливите паркиралишта во градот и навреме да го имаат предвид изменетиот режим на сообраќај.
Програмата „Денови на мојот град – Делчево“ е замислена како празнична целина која ги обединува историјата, културата, спортот, младите и забавата, со централно место посветено на 7 Септември – денот кога Делчево ја одбележува својата слобода.
Од Општина Делчево ги повикуваат граѓаните да бидат дел од празничните активности и заеднички да ја одбележат 82-годишнината од ослободувањето на градот.

Македонски


