
Моника Зајкова, на когрес на партијата, повторно е избрана за претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП).
Од утре Либерално-демократската партија пред граѓаните на терен ќе ги презентира своите политики, пред се, предлогот за електронската нараквица за сторителите на семејно насилство, укинување на банкарските провизии, намалување на данокот на добивка на 9%, моделот на бизнис ангели и низа други економски политики.
Пред сѐ ми претставува чест што ја добив целосната доверба од делегатите, едногласен избор, што за мене претставува уште поголема обврска да продолжиме напред кон политиките за коишто се залагаме. Во моментот сѐ уште трае гласањето за генерален секретар, бидејќи во ЛДП сѐ уште генералниот секретар се бира непосредно со гласање од страна на сите делегати. Имаме двајца кандидати. Јас само ќе упатам апел дека кој и да биде, очекувам да работиме заедно напред мотивирано и во континуитет на сѐ она што досега го постигнавме – изјави Зајкова по изборот.

Таа нагласи дека ЛДП ќе продолжи да ги презентира своите политики меѓу граѓаните.
Оние добро познати политики коишто сѐ уште не се усвоени, како електронската нараквица за сторителите на насилство, укинување на банкарските провизии коишто се навистина огромен товар за граѓаните, намалување на данокот на добивка на 9%, моделот на бизнис ангели, како и низа други економски политики коишто ќе бидат од понеделник презентирани и пред граѓаните на терен – посочи Зајкова.
Партијата ќе избере и нови потпретседатели, а едно од имињата е Бобан Јанковски. Ќе бираат и членови на Централниот одбор и на Извршниот одбор партијата.
Она што за нас е поважно е партијата да остане препознатлива во јавноста како субјект којшто е изграден во центарот, а не субјект кој следи туѓи политички агенди, бидејќи имаме амбиција, имаме капацитет, знаеме како да ја движиме Македонија напред и јас во мојот говор утринава напоменав дека се стремиме и кон и имаме капацитет да понудиме и кандидат за претседател на Владата – рече Зајкова.
Конгресот на Либерално-демократската партија се одржа под слоганот „Имаме амбиција, имаме капацитет, знаеме како да ја движиме Македонија напред“.

Македонски



