
Во изминатите 24 часа најголемо количество воден талог е измерено во Амзабегово, Светиниколско, каде што наврнаа 88 литри на метар квадратен. Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), следуваат Струмица со 50 л/м², Градско со 29, Кавадарци и Бовин со по 26, Радовиш со 23, Коџалија со 18, Штип со 13, како и Берово, Ѓуриште и Демир Хисар со по 10 л/м².
Помали количества се регистрирани во Крушево, Водоча (по 9 л/м²), Демир Капија, Скопје – Петровец, Јасен (по 8 л/м²), Виница (7 л/м²), Тополчани (3 л/м²), Велес, Прилеп (по 2 л/м²), а по 1 литар на метар квадратен е измерен во Битола и Скопје – Зајчев Рид.
Од УХМР напоменуваат дека дадените вредности се измерени на нивните дождомерни места и посочуваат: „Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената.“
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, но во попладневните часови се очекува дестабилизација со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер, пороен дожд, грмежи и појава на град. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, а максималната температура ќе се движи од 26 до 35 степени.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер, грмежи и можна појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе достигне до 34 степени.

Македонски


