
Во издание на издавачката куќа „Славика либрис“ неодамна од печат излезе монографијата „Топономастички студии за Кичевскиот Регион“ од авторот Давор Јанкулоски, посветена на топонимиското наследство на Кичево и Кичевско.
Монографијата претставува избор на студии произлезени од повеќегодишна истражувачка работа и е насочена кон проучување на имињата на местата во Кичевскиот Регион, нивното потекло, значење и историско-културните слоеви што тие ги зачувале.
Кичевската Котлина, како јасно обликувана природна и географска целина, заедно со богатото културно-историско наследство на регионот, придонела за создавање разновиден и повеќеслоен топонимиски фонд. Во имињата на местата се одразуваат природните особености на просторот, но и општествените, културните и јазичните процеси што се одвивале низ различни историски периоди.
Топонимите претставуваат значајни јазични сведоштва за минатото, бидејќи во нив често се зачувани архаични форми, стари значења и траги од историската и културната меморија на населението. Нивното толкување бара посебен научен пристап, кој овозможува подлабоко согледување на јазичната, историската и културната слика на еден простор.
Со ова издание се настојува да се даде придонес кон подлабокото разбирање на топонимијата на Кичевскиот Регион, како и кон документирањето, афирмирањето и зачувувањето на неговото културно-историско наследство и културна меморија.
Давор Јанкулоски е доктор по филолошки науки и истражувач во Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ. Неговите научни интереси се насочени кон македонската дијалектологија и ономастика, етимологијата и граматичкиот систем на македонскиот јазик.
Автор е на повеќе научни трудови објавени во домашни и странски изданија и учесник на бројни научни конференции и меѓународни истражувачки проекти. Добитник е на државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година, како дел од авторскиот колектив на научното дело „Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката – лексички материјали)“.

Македонски

