Skip to main content

Гаши: Сите закони за кои е потребен Бадентер ќе бидат ставени на гласање

Првата координација пред почетокот на новата собраниска сесија се одржа денеска, а претседателот на законодавниот дом Африм Гаши најави дека до крајот на септември ќе се одржат најмалку четири седници. Две се веќе закажани на 2 и 11 септември, и најверојатно уште две до крајот на месецот.

Предизвик за пратениците останува гласањето на законите за кои е потребен Бадентер, за коишто Гаши на брифиг со новинарите рече дека сите ќе бидат ставени на гласање, но оти не знае каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада на опозициската ДУИ. Закони за кои е потребен Бадентер односно што се од особен интерес се законот за правична застапеност, за високо образование, за локална самоуправа и други. 

-Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера тогаш на друго политичко ниво се разговара. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но оставам на политичките актери да го решат – рече на брифингот со новинарите претседателот Собранието.    

На прашање дали лидерска средба би помогнала, Гаши рече дека не може да оценува би помогнала или не, но дека секогаш е за дискусија и за разговор. – Не можете да најдете решение ако не седнете да разговарате – рече претседателот на Собранието додавајќи дека дијалогот треба повеќе да се употребува како дел од политичката култура во државата, особено со опозицијата. 

На денешната координативна средба присуствувал заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но немало никаква најава дека повторно ќе има блокада од страна на нивните пратеници. – Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат – рече Гаши. 

Во однос на тоа дали доколку блокадата продолжи ќе има предвремени парламентарни избори, рече дека вакви избори ќе има кога 61 пратеник ќе одлучат за распуштање на Собранието, но нагласи дека тој е поборник на идејата за редовни парламентарни избори и нема да дозволи злоупотреба на Деловник да предизвика парламентарни избори. 

– Не треба една злоупотреба на Деловник да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво – рече претседателот на Парламентот. 

Гаши најави дека наскоро во Собранието треба да пристигне законско решение поврзано со барањата правосудниот испит да се полага и на албански јазик. 

Поврзани вести