
Виена вечерва беше обоена во црвено и жолто. По убедливата победа над Австрија со 91:59, македонските кошаркари не брзаа да ја напуштат салата. По последниот свиреж следуваа поздрави, фотографии и заедничко славје со македонските навивачи кои во голем број дојдоа да им дадат поддршка на репрезентативците.
Од трибините во текот на целиот натпревар се слушаше македонската песна, а „црвено-жолтата“ боја доминираше во „Спорт Арена Виена“. Македонија им возврати на навивачите на најубав можен начин – со кошаркарска лекција и убедлив триумф. Уште од самиот почеток нашите кошаркари покажаа дека дошле по победа. По израмнувањето на 6:6, Македонија презеде целосна контрола над натпреварот и првата четвртина ја заврши со неверојатни 30:14.

Предноста продолжи да расте и во вториот период, па на полувремето Македонија водеше со 49:30. Ниту по паузата немаше промена на теренот. „Црвено-жолтите“ продолжија со сигурна игра, цврста одбрана и одлична реализација, а Австрија немаше одговор за македонската игра.
До крајот остана само да се потврди убедливата победа.
Нено – човекот на вечерта
Посебна приказна беше Ненад Димитријевиќ. Македонскиот капитен одигра фантастичен натпревар и запиша трипл-дабл – 15 поени, 14 скока и 11 асистенции. Со тоа Димитријевиќ не само што беше лидер на тимот, туку и човекот кој го контролираше ритамот на играта и ги разигруваше соиграчите.
Виктор Ефремовски беше најефикасен во македонскиот состав со 17 поени, додека Адем Мекиќ и Мозес Рајт постигнаа по 12. Рајт, кој дебитираше за Македонија, додаде и девет скока.
Кога заврши натпреварот, резултатот веќе беше само дел од приказната. Кошаркарите се упатија кон трибините за да им се заблагодарат на навивачите. Следуваа заеднички фотографии, поздрави и славје со македонските иселеници и навивачи кои во Виена направија атмосфера како Македонија да игра на домашен терен.

Овојпат, Виена беше македонска. Победата од 91:59 беше најубавиот подарок за сите оние кои дојдоа да ја бодрат Македонија.
Следниот натпревар од претквалификациите Македонија го игра на домашен терен против Кипар, на 26 ноември.

Македонски


