Skip to main content

Тресонче и Бигорскиот манастир домаќини на 7. Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“

Фото: плакат

Во село Тресонче денеска ќе биде отворена седмата по ред „Малореканска летна школа – По патеките на Дичо Зограф“, која и оваа година ќе биде посветена на научни истражувања поврзани со мијачките зографи, архитектурата, културното наследство и традицијата на регионот.

Годинашното издание е посветено на зографот Петре Коловски (1931-2025), како значајна личност во зачувувањето и промоцијата на македонското уметничко наследство.

Свеченото отворање е предвидено за 11 часот во меморијалниот парк „Дичо Зограф“, во рамки на црквата „Св. апостоли Петар и Павле“ во Тресонче. На настанот се очекува присуство на повеќе стручни гости од Македонија и од странство. По отворањето ќе биде одржана панихида во храмот, заедно со братството на Бигорскиот манастир.

Во шестдневната програма ќе учествуваат дваесетина истражувачи од Македонија, Србија и Бугарија – историчари на уметноста и филолози. Во рамките на Школата ќе бидат посетени повеќе места и цркви во Малореканскиот, Дебарскиот и Мавровскиот регион, простори кои во XIX век претставувале значајни преродбенски центри.

Во вечерните научни сесии во Бигорскиот манастир, учесниците ќе имаат можност низ предавања и дискусии да ги презентираат своите научни трудови посветени на уметничката активност на дебарско-мијачките зографи и нивното творештво на поширокиот балкански простор.

Ова година програмата на Школата е проширена со филолошката секција во чиј фокус се наоѓа јазичното и книжевното наследство на Малореканскиот регион, особено ерминиите од дебарско-мијачкиот зографски круг, како и различни карактеристики на малореканскиот говор.

Организаторите истакнуваат дека школата претставува значаен придонес кон истражувањето и дополнителната афирмација на богатото творештво на мијачките мајстори и нивното културно наследство.

Поврзани вести