Skip to main content

Тајфунот Саудел ја погоди Кина, евакуирани над 870.000 луѓе (ВИДЕО)

Фото: Принтскрин

Тајфунот Саудел утрово го погоди источниот брег на Кина на две локации, поради што властите почнаа масовна евакуација на населението и го запреа железничкиот и траектниот сообраќај.

Тајфунот го погоди градот Тајџоу околу 8 часот по локално време, а еден час подоцна и Венџоу, објавија кинеските државни медиуми. Ова е трет тајфун што годинава ја погоди провинцијата Џеџијанг.

Се очекува Саудел да донесе силни дождови во Џеџијанг и Фуџијан, провинција на југоисточниот брег на Кина, со можност за исклучително обилни врнежи, објави агенцијата Синхуа.

Како што тајфунот ќе се движи кон внатрешноста на земјата, обилни врнежи би можеле да ги погодат и провинциите Хубеј, Гуангси и Јунан.

Властите во Венџоу наредија евакуација на повеќе од 820.000 луѓе, додека во Тајџоу привремено се прекинати патничките траектни линии и е најавена евакуација на уште 52.000 луѓе, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ.

Железничкиот оператор Чајна рејлвеј Шангај груп во четвртокот и петокот привремено го прекина сообраќајот на дел од железничките линии во Џеџијанг.

Провинцијата Фуџијан во четвртокот прогласи вонредна состојба поради тајфунот. Властите ги прекинаа градежните работи на проектите долж брегот и затворија 57 патнички траектни линии.

Извор: МКД.мк