Skip to main content
Министерот за правда на Србија:

Ратко Младиќ ќе биде погребен со највисоки државни почести

Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ ќе биде погребен со највисоки државни почести, потврди за бањалучката Алтернативна телевизија министерот за правда на Србија, Ненад Вујиќ.

„Генералот Младиќ е генерал и протоколите се познати. Позната е и неговата улога, но и она што му следува на генералот Младиќ сигурно ќе биде испочитувано. Напоменувам дека Република Српска овде не е таа што одлучува, семејството ќе одлучи и за местото на кое ќе биде погребeн, бидејќи тоа е работа на неговото семејство“, изјави Вујиќ за Алтернативна телевизија.

„Очекуваме од Механизмот да ни даде одредена временска рамка за процедурите и за чекорите што треба да ги преземеме. Подготвени сме, доколку ни кажат да дојдеме утре наутро, да бидеме во Хаг и да го преземеме телото на генералот Младиќ“, рече Вујиќ.

Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор пред Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Тој беше командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска од 1992 до 1996 година, а беше уапсен во Србија во мај 2011 година и потоа екстрадиран во Хашкиот трибунал.

Жалбениот совет на Механизмот во 2021 година ја потврди првостепената пресуда, со која Младиќ беше осуден на доживотен затвор.

Извор: МКД.мк

Поврзани вести