Skip to main content

Американски суд ја укина блокадата за имигрантски визи: Одлуката се однесува и на Македонија

Федерален суд во Њујорк ја укина политиката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со која беше запрено издавањето имигрантски визи за државјани на 75 земји, меѓу кои и Македонија.

Одлуката на 21 август ја донесе судијката Џенет Варгас од Федералниот окружен суд во Менхетен. Таа оцени дека политиката била спротивна на законот и дека американскиот државен секретар Марко Рубио ги надминал своите законски овластувања.

Спорната мерка почна да се применува на 21 јануари 2026 година. Со неа Стејт департментот го запре издавањето имигрантски визи за државјани на 75 земји, образложувајќи дека постои висок ризик тие да станат зависни од американската социјална помош и од други јавни средства.

На списокот, покрај Македонија, се наоѓаа Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија не беше наведена, како и Бразил, Колумбија, Русија, Пакистан, Бангладеш и повеќе земји од Африка, Блискиот Исток и Карибите.

Судијката Варгас утврдила дека издавањето визи не може целосно да се забрани само врз основа на државјанството на апликантот. Според американскиот закон, конзуларните службеници треба поединечно да утврдат дали секој кандидат ги исполнува условите за добивање имигрантска виза.

Со пресудата се поништени и одбивањата на визи засновани исклучиво врз оваа политика, а Стејт департментот треба да го врати индивидуалното разгледување на апликациите.

Одлуката, сепак, не значи дека македонските државјани автоматски ќе добиваат визи. Секоја апликација и понатаму ќе се разгледува одделно, според редовните законски услови. Можно е американската администрација да ја обжали пресудата и да побара нејзино привремено одложување.

Важно е и дека блокадата се однесуваше исклучиво на имигрантските визи, односно визите за трајно преселување во САД. Туристичките, деловните, студентските и другите неимигрантски визи воопшто не беа опфатени со оваа мерка.

Поврзани вести