Skip to main content

Поради многу тешката состојба со пожарите, Србија го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ

Поради исклучително тешката состојба со пожарите, Србија го активираше Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, со што го стави на располагање сателитскиот систем за следење на огнената стихија, а побарана е и помош со летала со поголем капацитет за носење вода, вклучително и рускиот противпожарен авион „Иљушин-76“, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Тој посочи дека во моментов најтешка е состојбата во Делиблатско Песочиште, каде што тешката механизација не може да пристапи до одделни делови поради песочниот терен. На терен секојдневно интервенираат над 400 припадници на различни служби, но силниот ветер постојано го менува правецот и дополнително го отежнува гаснењето.

Преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ веќе е отворен сателитскиот систем за брзо следење на жариштата, а паралелно се разгледуваат сите расположни опции за меѓународна помош. Иако во понудата биле вклучени канадери и помали авиони од типот „ер трактор“, стручните екипи од теренот оцениле дека поради непристапниот терен, силниот ветер и размерите на пожарот, исклучително е неопходно летало со значително поголем капацитет. Тргнувајќи од тие анализи, донесена е одлука за ангажирање на рускиот авион „Иљушин-76“, кој може да пренесе дури 42 тони вода во еден налет и да изврши повеќе прелети во текот на денот.

Во овој поглед нема никаква политика – станува збор за тоа што е најефикасно на теренот. Ќе ги користиме сите расположливи домашни и меѓународни капацитети, вклучително и Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш, за да ги заштитиме луѓето, имотот и природата – порача Дачиќ по средбата со словенечкиот министер за внатрешни работи Франц Матоц.

Српските служби моментално располагаат со хеликоптери „Камов“ со капацитет од пет тони вода и „Супер Пума“ кои носат четири тони, но Секторот за вонредни ситуации, кој минатата година реализирал над 39.000 интервенции и спасил повеќе од 1.400 луѓе, и понатаму има потреба од дополнителна поддршка со летала со поголем капацитет поради бројните активни пожари ширум земјата.

МИА

Поврзани вести