
Синоќа во присуство на поранешниот Претседател на Македонија професор Ѓорѓе Иванов со сопругата Маја и бројната публика беше отворена изложбата “90 години од раѓањето на Јован Петров” во Чифте Амам
Јован Петров (1936–2011) дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Љубљана, каде специјализирал конзервација и реставрација. Во текот на својата богата професионална кариера работел на заштита и реставрација на икони, фрески и слики, меѓу кои и во црквите „Св. Пантелејмон“ во Нерези и „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид.
Покрај конзерваторската дејност, Петров активно се занимавал со сликарство, создавајќи препознатлив опус во кој се преплетуваат современиот ликовен израз, културното наследство и традицијата. Колекцијата на делата што ќе бидат претставени на изложбата е во сопственост на семејството Петров.
Автор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, а стручни соработници се Маја Неделкоска Брзанова, кустос советник, м-р Владимир Таневски, кустос, Емил Николовски и Антонио Пирковски, конзерватори.
Изложбата ја прогласи за отворена директорот на Националната галерија, д-р Али Синани, а свое обраќање имаше програмскиот раководител и виш кустос Маја Крстевска.
Во рамки на отворањето беше промовирана и монографија посветена на животот и творештвото на Јован Петров. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август.

Македонски


