Skip to main content

Грчкиот омбудсман загрижен: Многу пријави за одбивање да се обезбедат услуги на израелски граѓани

Народниот правобранител, во рамките на својата уставна и законска надлежност како тело за унапредување и следење на примената на принципот на еднаков третман, изразува сериозна загриженост за повторените случаи на пријави за одбивање да им се обезбедат услуги на израелски граѓани, што, според доставените претставките, се чини дека се поврзани со националноста и/или националното потекло на засегнатите лица, соопшти грчкиот омбудсман, јави дописничката на МИА од Атина.

Во соопштението се посочува дека одбивањето да се обезбедат услуги врз основа на националноста или националното потекло на лицето не е во согласност со принципот на еднаков третман, загарантиран со европското и националното законодавство и се потсетува дека со закон се предвидени затворска казна од шест месеци до три години и парична казна од 1.000 до 5.000 евра за оној кој при продажба на стоки или обезбедување услуги ќе ја прекрши забраната за дискриминација, меѓу другото, врз основа на национално или етничко потекло.

Народниот правобранител ги повикува сите приватни лица и компании кои нудат стоки и услуги на јавноста доследно да го почитуваат принципот на еднаков третман и да обезбедат пристап до нивните услуги без дискриминација, независно од националноста, националното или етничкото потекло или друга заштитена карактеристика. Паралелно, ги повикува надлежните административни и истражни органи да се погрижат за ефикасно спроведување на важечката законска рамка за еднаков третман, забрана на дискриминација и спречување на расистичко однесување, преку истражување на секоја соодветна пријава и преземање на законски предвидените мерки, соопшти грчкиот омбудсман.(МИА)

Поврзани вести