
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека привремено ќе ја прекине изградбата на контроверзниот граничен ѕид во Националниот парк „Биг Бенд“ во јужниот дел на Тексас, додека шефот на агенцијата задолжена за изградбата не изврши „проценка на терен“.
Проектот наиде на силно спротивставување кај двете најголеми американски политички партии. Критичарите тврдат дека ѕидот ја загрозува животната средина, а дека дивината и оддалеченоста на тоа подрачје само по себе ги одвраќа мигрантите и шверцерите од обидите да минуваат низ него.
Родни Скот, директор на Службата за царина и гранична заштита (ЦБП) што е задолжена за изградбата на ѕидот, на мрежата „Икс“ соопшти дека ќе отпатува во Тексас за да изврши проценка.
„ЦБП привремено ја прекинува секоја градежна активност во Националниот парк ‘Биг Бенд’ додека сум во посета и вршам лична проценка на терен“, напиша Скот.(МИА)

Македонски


