Skip to main content

АРМ го слави 34. роденден со најдинамична трансформација и модернизација и потврдена борбена готовност

 Армијата денеска одбележува 34 години од формирањето како модерна, современа и целосно интероперабилна сила во рамките на евроатлантскиот безбедносен систем. Преку учеството во меѓународни мисии, забрзаната модернизација и исполнувањето на НАТО-стандардите таа ја потврдува својата улога како доверлив НАТО-сојузник и важен фактор во регионалната безбедност, но пред се, посветена на својата основна мисија – заштита на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и граѓаните.

 Од Армијата посочуваат дека изминатата година беше година на значајни резултати и потврда дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО-стандарди. Периодот беше обележан со најдинамичниот циклус на опремување и трансформација досега, како и со континуирана поддршка на цивилните институции при кризни состојби и природни непогоди. Армијата во текот на 2026 година демонстрираше висока оперативна подготвеност, интероперабилност и способност за брзо реагирање.

Успешната оценка на Лесната пешадиска баталјонска група на вежбата „Блесок 26“ –  како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“, претставуваше најзначајниот професионален исчекор, потврдувајќи дека македонските сили ги исполнуваат строгите НАТО-стандарди.

Активен придонес во меѓународните мисии и подготвеност за поддршка на граѓаните

Во моментов повеќе од 180 армиски припадници се распоредени во Романија, Бугарија, Летонија, Косово, Босна и Херцеговина и Либан како и во рамки на мисијата NSATU на НАТО за безбедносна помош и обука за Украина. Покрај меѓународните обврски, Армијата останува подготвена и за поддршка на цивилните институции во справувањето со природни непогоди и кризни состојби. Во текот на летниот период се одржува високо ниво на готовност за евентуално ангажирање во борбата против пожарите, при што повеќе од 300 армиски припадници се подготвени за итно дејствување на целата територија на државата, во координација со надлежните институции.

Од Армијата посочуваат дека се во најинтензивниот циклус на модернизација од нејзиното формирање. Новите оклопни возила „Страјкер“ и „JLTV“ значително ги унапредуваат мобилноста, заштитата и борбената ефикасност на единиците, додека артилерискиот систем „Боран“ обезбедува прецизно огнено дејство на големи далечини. Воедно, воведувањето на современиот противвоздушен систем „Мистрал 3“ ќе придонесе за натамошно зајакнување на националните капацитети за заштита и контрола на воздушниот простор.

Особено значајно достигнување за Армијата во изминатиот период беше успешното оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) на националната теренска вежба „Блесок 26“, спроведено согласно НАТО стандардите за оценување на копнени команди и единици. На 24 април, годинава, по завршувањето на оценувањето во кампот за обука „Пепелиште“, на командантот на единицата му беше соопштено дека ЛПБГ ги исполнува сите предвидени стандарди и е оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“.

Според началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, стекнувањето на статусот „борбено подготвен“ или „Mission Capable“ е огромен успех не само на Лесната пешадиска баталјонска група и Армијата, туку и за целата држава воопшто.

Безбедносната состојба во Македонија и регионот е стабилна и нема директна воена закана за државава. Регионот е ранлив на предизвици како дезинформации, миграциски бранови и радикализација, ш

-Тоа е резултат на јасна стратегиска насока, напорна работа, систематски процес на планирање, подготовка, обука, опремување и модернизација на Армијата, како и на синергијата на Армијата, Министерството за одбрана и останати државни институции јасно насочена кон исполнување на стратешки дефинираните цели. Со оваа оценка, ние низ исклучително ригорозен процес, како држава докажавме дека македонската Армија со исклучителна посветеност гледа кон исполнување на високите стандарди на НАТО, односно дека Армијата е високо обучена и опремена и е рамо до рамо со сојузничките сили – нагласи Лафчиски за МИА.

Според директорот на оценувачкиот тим, потполковник Горан Кимов, единицата го завршила процесот со највисоки резултати, при што припадниците на ЛПБГ ги потврдиле сите критериуми и стандарди за оценување. Со оваа оценка, Лесната пешадиска баталјонска група ја потврди својата висока обученост, борбена готовност и интероперабилност со сојузничките сили, што претставува значаен придонес во јакнењето на капацитетите на Армијата и на колективната одбрана на НАТО.

Со учеството во меѓународни операции, континуираното јакнење на способностите и вложувањата во модерна опрема и обука, Армијата го одбележува 18 Август со фокус на исполнување на својата основна мисија – заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот и безбедноста на државата и нејзините граѓани.

Забрзана модернизација и инвестиции во армиските капацитети

Министерството за одбрана оценува дека процесот на модернизација на Армијата останува еден од клучните приоритети, со цел обезбедување на современи и целосно подготвени вооружени сили способни да одговорат на актуелните безбедносни предизвици. Потврда за напредокот, според Министерството, е успешната оценка на Лесната пешадиска баталјонска група на вежбата „Блесок 26“ на армискиот полигон Криволак, каде што единицата беше оценета како борбено способна од НАТО оценувачите.

За модернизација и опремување годинава се издвоени 116 милиони евра, што претставува 32,5 проценти од вкупниот буџет за одбраната и е за повеќе од 10 милиони евра повисока сума во споредба со претходната година. Со тоа државата го надминува НАТО-стандардот според кој најмалку 20 проценти од одбранбениот буџет треба да се наменат за модернизација и опремување.

Во изминатиот период се реализирани повеќе набавки на современа воена опрема. Во оперативна употреба е ставен артилерискиот систем „Боран“, пристигнати се сите лесни оклопни возила JLTV и возилата „Страјкер“, додека дел од системот за противвоздушна одбрана „Мистрал“ веќе е испорачан, а преостанатиот дел се очекува до крајот на годинава. Во втората половина од годината се очекува и пристигнување на два нови хеликоптера.

Паралелно, преку 16 активни договори со стратешкиот партнер САД се реализираат повеќе проекти за јакнење на одбранбените способности, меѓу кои е и набавката на противтенковските системи „Џавелин“, чија испорака е предвидена во 2027 и 2028 година. Дел од модернизацијата опфаќа и воведување беспилотни системи и современи технологии за набљудување и заштита.

Значајна поддршка за Армијата пристигнува и преку Европскиот мировен фонд, преку кој се договорени три пакети помош во вредност од 38 милиони евра, како и дополнителни два милиони евра за Балканските медицински наменски сили. Средствата се наменети за понатамошно опремување на Лесната пешадиска баталјонска група и за унапредување на националните одбранбени капацитети. Досега целосно е испорачан првиот пакет опрема и дел од вториот, кој вклучува радари, термални камери, инженериска механизација, транспортни и санитетски возила, генератори, информатичка и медицинска опрема, како и беспилотни летала, системи против дронови и командно-контролни системи.

Покрај модернизацијата на вооружувањето и опремата, Министерството за одбрана интензивно инвестира и во армиската инфраструктура. За 2026 и 2027 година се планирани повеќе од 12 милиони евра за градежни зафати во касарните ширум државата. Досега се реализирани околу дваесет проекти во вредност од над 3,1 милион евра, а во тек е реализација на дополнителни проекти во касарните „Илинден“, „Гоце Делчев“ во Скопје, во касарните во Штип, Велес, Прилеп и на полигонот „Криволак“. Во план е и реконструкција на хотелот „Шар“ на Попова Шапка и на Домот на Армијата во Скопје, како и изградба на нови објекти за потребите на Воената академија.

Министерството информира дека паралелно се работи и на изнаоѓање решение за статусот на професионалните војници кои навршуваат 45 години возраст, преку измени во Законот за служба во Армијата, со цел обезбедување можност тие да продолжат со работа во рамките на Армијата и Министерството за одбрана.

Новите закани: сајбер безбедност и беспилотни системи

Но, најголемиот тест за Армијата денес не е само модернизацијата на техниката. Растечката закана од беспилотни летала и сајбер напади отвора нови предизвици за одбранбениот систем. Развојот на беспилотните летала, хибридните закани и сајбер нападите ги менува начините на кои државите ја планираат и реализираат својата одбрана, поради што овие области стануваат еден од приоритетите и за македонските одбранбени сили.

Од Армијата велат дека безбедносната средина се менува со забрзано темпо и дека континуирано се вршат анализи и проценки на потребните способности за одговор на новите предизвици. Во изминатиот период бил направен преглед на способностите што треба дополнително да се развиваат, вклучително и во делот на заштитата од беспилотни летала. За таа цел се формирани и посебни работни групи кои ги утврдуваат насоките за идниот развој на овие способности.

Сајбер-просторот, пак, денес се смета за еден од клучните домени на современото војување. Министерството за одбрана и Армијата развиваат интегриран систем за сајбер одбрана, со цел заштита на комуникациските и информатичките системи. Во таа насока е формиран и Сајбер оперативен центар, во чиј состав функционира Воен тим за одговор на сајбер инциденти.

Одбранбените институции посочуваат дека отпорноста на мрежите и системите се обезбедува преку развој на технички и оперативни капацитети, обука на специјализиран кадар, јасно дефинирани надлежности и активна размена на информации со партнерите во НАТО и на национално ниво. Целта е комуникациско-информациските системи на Армијата да останат функционални и заштитени во мирнодопски услови, но и во услови на криза или вооружен конфликт.

Во годината што ја одбележува 34-годишнината од формирањето, Армијата ја зацврстува својата позиција како современа, модерна и целосно интероперабилна сила во рамките на евроатлантскиот безбедносен систем. Со учество во меѓународни операции, поддршка на цивилните институции, исполнување на НАТО-целите за способности и интензивни инвестиции во модернизација, Армијата останува посветена на својата основна мисија – заштита на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и нејзините граѓани