Skip to main content
личност на неделата

Се плаши ли Али што ќе „преведе“ Артан во Обвинителство?

Артан Груби ќе си добиеше седумка на лото – за малку. За среќа, во последен момент топчето се сврти и тој доби обвинение за проневера од 8,2 милиони евра во Државна лотарија и неговото судење започнува за 10 дена.

Но, во целата приказна за нашиот омилен „о кинг, о шеф“, најинтересен е неговиот мецена, кој некако излезе од пештерата каде беше пикнат последните две години и во последно сè повеќе и повеќе го има да се јави и нешто да поткаже. Што ќе да е проблемот, м?

Али Ахмети

Прво почна со македонското знаме. По 24 години од основањето на неговата партија, Демократската унија за интеграција, се случи и тоа – државното знаме за првпат е поставено во неговата канцеларија.

Отсекогаш сум бил за унитарна држава, тоа беше и предлог на странските амбасадори во земјата, бидејќи на средбите со нив ми беше предложено државното знаме на Cеверна Македонија да биде поставено во мојата канцеларија, изјави Ахмети за порталот TS.

Чудно, нема амбасадор што не поминал во Мала Речица последните 24 години, па досега никој немаше проблем со тоа. Зошто баш сега?

Потоа, во гостување на KohaCast рече дека според неговите информации има иницијативи во Уставниот суд за отворање на случаите на Хашкиот трибунал за покренување обвинение против УЧК за воени злосторства, но дека не се плаши, чист е.

Не дека ме плаши, но отворањето стари рани е поболно од отворањето нова рана. Ова се случаи што ги затворивме пред повеќе од 20 години, вели тој.

Само, тие се тие што уште ги чуваат воените чизми на таван, а ние сме тие што оставаат цвеќиња на пат зошто ни прпа да изградиме споменик како што им доликува на хероите кај Карпалак. Кој е тука со стари рани?

Нејсе, после тоа Али почна да споменува и предвремени избори, но и најави пензионирање, само вели иако него му било доста од „состаноци“ неговите сопартијци и соборци не го пуштале, зошто „неговото присуство во политиката останува потребно“.

Неговото официјално присуство се мери со бројки. Тој последните две години само три пати присуствувал на собраниска седница. И во тие три пати не зуцнал ни збор. Ама, па ние што сме глупави, збори тој кај што треба.

Еве, му зборел на Груби да се врати.

Му реков директно: „Ако си ја злоупотребил мојата доверба, ќе одговараш“. Тој се заколна дека ќе работи чесно. И единствениот збор што ми го кажа беше: „Работев чесно“. И јавно побарав и вршев притисок врз локалната политика да го пуштат да излезе и да одговори. Но, не селективна правда, туку сакам вистинска правда. И мислам дека работите одат добро, првото нешто е да се ослободи од домашен притвор и да видиме како ќе продолжи – рече Ахмети гостувајќи во емисијата „Click Plus“ на РТВ21 во Приштина.

А, до неодамна тврдеше дека не знае каде е Груби и дека немало што тој да знае каде е.

Јас не работам ниту во обвинителство, ниту во истражните органи, сигурно тие не се на места далеку од регионот, но не сум јас тој кој треба да ја открие нивната локација. Не, немам комуникација, рече Ахмети.

А, сега наеднаш пак го сака. Зошто? Според Вреди, можно е Артан Груби да „ја отворил устата, пропеал и токму затоа целиот случај се развлекуваше“.

Артан Груби не е кој било поранешен функционер. Тој е црната кутија на ДУИ. Знае кој ги влечеше конците, кој ги склопуваше зделките и во чии џебови завршуваа парите од коцкарскиот бизнис. Затоа Али Ахмети има причина да спие со едното око отворено, а со другото да го следи Груби, велат од Вреди.

Не ќе да е првпат најблизок соработник да му зарие нож во грб на Ахмети, па ништо чудо ни ова да е вистина и со право да се плаши. A, Артан останува дома и без пасош. Нема пак да може да ја премине границата – легално.

Поврзани вести