
Генералниот директор на „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, е прогласен за персона нон грата и му е изречена трајна забрана за влез во Косово, објави регионалната телевизија Н1, повикувајќи се на документ во кој имала увид.
Според Н1, косовското Министерство за внатрешни работи го прогласило српскиот државјанин Владимир Лучиќ за непожелно лице и му забранило трајно да влегува, транзитира и престојува во Косово, повикувајќи се на неговите јавни изјави, кои, според оценката на Министерството, претставуваат „закана за суверенитетот и уставниот поредок на Косово“.
Во документот се наведува дека Лучиќ „отворено пропагира против суверенитетот на Република Косово и нејзиниот уставен поредок“ и дека неговите изјави „претставуваат закана преку поттикнување говор на омраза и дестабилизација“.
Регионалните медиуми оваа недела јавија дека Лучиќ изјавил оти во Косово ќе бидат отворени шест нови објекти на „Телеком Србија“ и најавил нови инвестиции за подобрување на квалитетот на фиксната телефонија во средините населени со српско население, потсетува Н1.

Македонски


