Skip to main content

Грција бара од ЕК проширување на примената на клаузулата за отстапување и за енергетски проекти

Грција поднесе барање до Европската комисија за проширување на примената на постоечката Национална клаузула за отстапување, со цел да се вклучат и мерки што ја зајакнуваат енергетската отпорност на земјата, а со што се добива поголема фискална флексибилност.

Барањето, како што јави дописничката на МИА од Атина, го достави грчкиот министер за национална економија и финансии, Кирјакос Пиеракакис.

Од Министерството за национална економија и финансии на Грција соопштија дека конкретната можност е согласно соопштението на ЕК според кое досегашната т.н. Национална клаузула за отстапување за одбраната се проширува и на енергетиката со цел зајакнување на отпорноста на европскиот енергетски систем.

Инвестициите за енергетска отпорност ќе вклучуваат проекти за складирање енергија од обновливи извори, заштеда на енергија, енергетска надградба на објекти, како и инфраструктурни проекти што придонесуваат за зајакнување на енергетската отпорност на земјата, соопштија од Министерството и посочија дека во наредниот период, во соработка со надлежните министерства ќе постои подеталната разработка на инвестициите.

Додадоа дека се очекува новите инвестиции до 2028 година да надминат една милијарда евра, ќе бидат финансирани од национални средства и ќе бидат изземени од ограничувањето за раст на нето-примарните расходи на европската рамка за економско управување, до 0,3 отсто од БДП годишно и до вкупно 0,6 проценти до 2028 година.

Поднесувањето на грчкото барање ја спроведува стратегијата на Владата и на премиерот Киријакос Мицотакис за зајакнување на енергетската отпорност на земјата во европската рамка, додадоа од Министерството за национална економија и финансии на Грција.(МИА)

Поврзани вести