Skip to main content

Ретка астрономска појава следната недела: Од Македонија ќе се гледа делумно затемнување на Сонцето

Pexels/ Priscilla

Македонија на 12 август ќе има можност да биде сведок на делумно затемнување на Сонцето, информира универзитетскиот професор Дејан Трајковски во објава на Фејсбук.

Според него, за Битола затемнувањето ќе започне околу 19:31 часот, кога Месечината ќе почне да го покрива сончевиот диск. Максимумот за овој дел од земјата ќе биде три минути подоцна, околу 19:34 часот, при што Месечината ќе покрие 6,36 проценти од дијаметарот на Сонцето, односно околу 1,91 процент од неговата вкупна површина.

„Месечината едвај ќе допре еден мал агол од Сонцето, па за визуелно да се забележи овој детал ќе бидат задолжителни соодветни темни заштитни очила или филтри“, наведува Трајковски.

Тој посочува дека најголем предизвик за набљудувачите во Битола ќе биде ниската положба на Сонцето на хоризонтот.

„На 12 август Сонцето во Битола заоѓа во 19:37 часот, само шест минути по почетокот на затемнувањето. Тоа значи дека Сонцето ќе исчезне зад хоризонтот и Пелистер многу пред да се случи максимумот на затемнувањето, па доколку останете во градот нема да можете да го видите главниот дел од овој астрономски настан“, објаснува професорот.

За подобра видливост, Трајковски препорачува набљудувањето да се организира од повисока локација.

„Излегувањето на некоја од повисоките позиции на Пелистер или на ридовите околу Битола, со отворен поглед кон запад и северозапад, ќе го одложи моментот на заоѓање на Сонцето зад локалниот хоризонт и ќе овозможи да се испрати овој редок залез со ‘гризнато’ Сонце“, наведува тој.

Професорот додава дека целосното затемнување ќе биде видливо од северна Шпанија и источниот брег на Гренланд, додека во Македонија најдобри услови за следење на појавата ќе има во гостиварскиот регион, поточно од селото Корито на Сува Гора.

Поврзани вести